Фото: Кабинет на претседателката

Уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во обраќање на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

Силјановска Давкова истакна дека македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност.

– Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот! Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции – рече претседателката Силјановска Давкова.

Нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, наведе претседателката, се најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција.

– Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит – подвлече претседелката Силјановска Давкова.

Таа посочи дека празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме.

– Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“. Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави – порача претседателката.

Според Силјановска Давкова, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.

Претседателката во обраќањето истакна дека припадниците на турската заедница имаат значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.

Ја нагласи и важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.

– Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата! – информира Кабинетот на претседателката.