Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова денеска остварила средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите Нации, Амина Џ. Мохамед и се обратила пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија.
Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, Мохамед истакнала дека од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи. Според неа, како што соопштија од Кабинетот на Силјановска-Давкова, најдобрата одлука што ја направила државата е што голем дел од повредените биле испратени на лекување во странство. Со ваква голема загуба, посочила таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.
Разговарајќи за улогата на Обединетите Нации, како организација создадена да го штити мирот, соговорничките се согласиле дека по осумдецениско постоење, неопходно е Организацијата да се реформира во согласност со современите мировни и демократски предизвици.
– Да градиме почитувано и инспиративно лидерство, да ги облагородиме суровиот реализам и силата со идеализам, со право, етика и морал – истакнала претседателката.
Заменичката генерална секретарка посочила дека ОН мора да ги задржат вредностите и принципите на Организацијата и да бидат погласни, со што на сегашните и на идните земји членки ќе им докажат дека има имаат бенефит од членството во ОН.
Осврнувајќи се на процесот на нашата евроинтеграција, заменичката генерална секретарка истакнала дека е важно ОН да се заложат за нас, како мала земја која неправедно и предолго, чека за влез во ЕУ.
Пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија, Силјановска-Давкова нагласила дека иако светот претрпе длабока геополитичка, економска, еколошка, демографска и технолошка трансформација, надлежностите, структурите и процедурите на ОН останаа главно непроменети.
– Неопходни се суштински реформи што ќе ги направи Генералното собрание и Советот за безбедност полегитимни и подемократски институции во исполнувањето на Повелбата на ОН. Советот за безбедност не може да се бира, да има состав и да одлучува како во 1945 година. Тој мора да се реформира и да стане поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да ја надмине својата дебатна улога и да прерасне во клучно тело во процесот на одлучување и креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите држави- рекла таа.
За неа координаторите на ОН се носители на глобалната совест, поборници и борци за мир, даватели на помош на оние на кои им е најпотребна, носители на надеж во време на очај. Таа им ја изразила и ветила нејзината поддршка.
– Како човек којшто го посветил својот живот на правото и правдата, сè уште верувам во потребата од ефективен мултилатерализам со силни, реформирани Обединети Нации – истакнала таа.
Претседателката исто така, ја потенцирала нашата заложба за интегрирање на Целите за одржлив развој во националната стратегија, фокусирајќи се на климатските активности, еднаквоста и владеењето на правото.