На регионалниот пат од Кавадарци-Прилеп, кај тунелите, од силното невреме е пријавено надоаѓање на поголема количина на вода со опасност за излевање, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Известени се субјектите во СУК и стапено е во контакт со изведувачот на тој патен правец, со што во случај на излевање на реката, во содејство со изведувачите на автопатот – „Синохидро“ ќе интервенираат со нивни машини за да не дојде до излевање и поплавување на патот – се наведува во соопштението од ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд во Велес, ТППЕ Велес интервенираше на поплава на два деловни објекта на улица Благој Горев и на поплавена куќа на улица В.Атанасов 22 во населба Превалец.
Реката Латковица е надојдена кај село Огут од поројниот дожд кој во попладневните часови ја зафати територијата на општина Крива Паланка. Од надојдената вода кај пропустите на патот прекинат е сообраќајот на регионалниот патен правец Огут кон село Нерав. Регионалниот пат води кон граница со Србија.
Надојдените води од обилните врнежи од дожд што попладнево непрекинато врне во Крива Паланка и околината, однесоа дел од регионалниот пат од селото Огут кон село Нерав. Станува збор за пат кон планинското село Нерав оддалечено повеќе од дваесет километри од градот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, вечерва излезе на терен со жителите на селото Огут, аедно со службите од ЈП Државни патишта -Македонија пат, согледувајќи ги состојбите.
– Проблемите на граѓаните се и наши, заеднички и затоа меѓу нив сум во секое време. За жал против природните сили, природните непогоди, не може ништо да се направи, но наша обврска е да се справуваме со последиците, со настанатите штети во најбрз можен рок. Крива Паланка деновиве е погодена од засилени дождови кои во рок од 48 часа бележат околу 55 литри на метар квадратен. Оваа водена маса предизвика појава на повеќе од десет свлечишта на територијата на општината за чиешто санирање се мобилизирани сите надлежни служби и одржан е состанок на општинскиот кризен штаб со изречни заклучоци – рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Истакна дека дел од службите веќе работат на санирање на неколку локации, останатите свлечишта ќе се решаваат по создавање соодветни услови за тоа, бидејќи постои ризик од нивна поголема активност.