Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека од денеска почнала доставата на учебниците за шесто одделение. До крајот на неделата, како што посочи, очекува сите учебници да се достават, а доколку се јави потреба, ќе побара од економскиот оператор доставата да продолжи и за викенд.

– Ме радува фактот што денеска во делот на училиштата има достава на учебници за шесто одделение, која ќе продолжи тековно утре и до крајот на неделата. Очекувам сите учебници да се достават, но, доколку постои потреба, ќе побарам од економскиот оператор, да има достава и во сабота и недела – рече Шаќири во изјава за медиумите по панел дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“.

Тој додаде дека во септември имале доставено повеќе од 80 отсто од учебниците, а за првпат по десет години се доставени учебници во гимназиско образование и по 13 години во стручното образование. Тој нагласи дека нема одговорност секаде да интервенира.

Во однос на учебниците во средните училишта, каде учениците се жалат дека учат од оштетени учебници, Шаќири вели дека дел од издавачките куќи кои ги имаат правото на сопственост, побарале пет дена одложување за да може да се обезбедат учебници за сите ученици.

– Секој одобрен учебник доаѓа од Националната комисија за учебници. Доколку постои задоцнување на доставата од страна на МОН, одговорноста е на министерот. Сите учебници што се одобрени, од страна на педагошката служба, веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Тоа што за одредени учебници има жалбени постапки, не зависи од министерот – рече Шаќири.