Од средата е почнато со помали интервенции кои траат пократко и засега не е забележан никаков проблем во смисла со будење и постоперативен третман на пациентите, изјави хирургот уролог Башким Шабани во врска со проблемот со компримираниот воздух и кислородот што ги затвори хируршките сали на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Во интервју за „Топ тема“ на телевизија „Телма“, д-р Шабани рече дека засега се наоѓа привремено решение, но тоа не е трајно.
– По три недели се враќаме во некаква нормала, од средата почнавме со неколку хируршки интервенции, ќе видиме како ќе биде понатаму – рече Шабани.
Според него, листата на чекање ќе се зголемува и поради претстојните годишни одмори.
– На листата на чекање моментно има околу 50-60 пациенти. Јас како хирург имам три-четири зафати, цела Урологија конкретно има околу 40 зафати неделно… Здравствениот систем во Македонија, за жал, е централизиран и најголемиот дел од хируршките интервенции се прават во Скопје – истакна Шабани.
Додаде дека во моментот не може да се направи план како да се решава листата на чекање, бидејќи за техничкиот проблем со работа на салите е најдено „некое привремено решение“.
– Како ќе биде не знаеме. Се наоѓаме во време на промена на влади, можеби и тоа малку влијае, меѓутоа мислам дека треба да се постапи за што побрзо решавање на тој проблем – рече хирургот уролог.