Битола и натаму без решение на горливиот проблем со немањето сместувачки капацитети за лицата од третата доба
Кога пред неколку месеци Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување донесе одлука да го затвори хотелот „Битола“, во кој беа згрижени и пензионери, кои таму ги поминуваа деновите од третата доба, локалната самоуправа на Битола побара од Владата хотелот „Битола“ да ѝ биде отстапен на општината. Но на таквото барање за отстапување на хотелот, општината неодамна доби негативен одговор од страна на Владата, со образложение дека тој е сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој негативно се изјаснил во однос на тоа да ѝ го отстапи на Општина Битола.
Со негативното решение, Владата ја упати Општина Битола за преземање на хотелот да се обрати до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Општина Битола не е задоволна од одговорот на Владата и смета дека наместо хотелот „Битола“ да пропаѓа и да биде оставен на забот на времето, најдобро би било тој да ѝ биде отстапен на општината, која би го реновирала и би го преадаптирала во старски дом, во кој би биле згрижени пензионерите што со месеци чекаат да се ослободи слободно легло во единствениот државен старски дом „Сју Рајдер“.
Евидентно решение за сместување на старите лица
А хотелот „Битола“ ги има сите предиспозиции да биде адаптиран во современ старски дом, каков што беше во осумдесеттите и раните деведесетти години, кога за услугите на овој хотел се бараше легло повеќе, бидејќи во овој објект поради популарните цени беа сместувани и голем број спортисти, гости, пејачи, бизнисмени, а се одржуваа и многубројни забави и манифестации.
Инаку, потребата за изградба на старски домови во Битола е присутна од многу одамна. Во изминатите години речиси нема изборни циклуси, било да се парламентарни или локални, а да не се апострофира потребата за изградба не само на еден туку и на неколку нови старски дома во градот под Пелистер.
Рака на срце, постоеја повеќе вакви иницијативи, но сите тие проекти поради различни соображенија пропаднаа, па, така, Битола остана само со еден старски дом.
Моментално во Битола има само еден старски дом во државна сопственост. Тоа е домот „Сју Рајдер“, со капацитет од 120 легла, што, секако, не ги задоволува потребите на општината за згрижување на старите сограѓани.
Иако можеби ќе звучи морбидно, или како некој вид црн хумор, но пензионерите во Битола со месеци, а некои и години чекаат некој да почине за да се ослободи некое легло за да може тие да се сместат во старскиот дом, зашто ослободувањето легла во домот „Сју Рајдер“ најчесто се случува само тогаш кога некој корисник на услугите ќе замине на оној свет.
За сместување во старскиот дом во Битола веќе не помагаат ни „врски“, бидејќи списокот на тие што чекаат ред е огромен.
Покрај домот „Сју Рајдер“, во Битола има уште два приватни старски дома со ограничен капацитет, од кои едниот е во селото Кравари, а другиот во Касарната, но за разлика од цените на услугите во државниот дом, тие се многу повисоки, кои не можат да си ги дозволат обичните пензионери, туку само тие со подлабок џеб.
И додека во Битола постојано се нагласува потребата за изградба на нови старски домови, засега во градот под Пелистер е изграден само еден нов приватен старски дом, што е недоволно за згрижување на сите оние што бараат легло во старските домови.
Искра надеж
Искрата надеж битолските пензионери ја гледаа во пренамената во старски дом на хотелот „Битола“, кој одамна е затворен и напуштен, оставен на забот на времето, да пропаѓа. Откако минатата година УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување донесе одлука за затворање на хотелот „Битола“, локалната самоуправа одлучи да го побара хотелот од Владата, да го реновира и да го пренамени во старски дом. Но, за жал, не се случи ништо од тоа.
– Иако објектот во моментов е во сопственост на трговското друштво „Борец“, друштво со ограничена одговорност, ќе се посветиме на тоа објектот да ѝ биде отстапен на локалната самоуправа и со неговата реконструкција да се добијат нови 94 простории, во кои ќе можат да се згрижат 250 лица. Со тоа би се решила потребата од дополнителни сместувачки капацитети за згрижување на оваа категорија наши граѓани. Тоа гарантираме ќе го направиме во соработка и партнерство со граѓански здруженија и финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика, УНДП, ЕУ-фондови, меѓународни донатори и буџетска и ресурсна локална поддршка – велат од Општина Битола.
Владата со последното известување ја упати Општина Битола да го побара хотелот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Но барем засега од страна на Фондот нема никаков одговор.
При подготвувањето на овој текст, и ние се обративме до Фондот. Но и нашите настојувања да добиеме одговор на прашањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за тоа кои се нивните планови со хотелот „Битола“ не дадоа плод. Одговор на нашите прашања не добивме.
Инаку, треба да потсетиме дека по затворањето на хотелот „Битола“, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се обиде на електронска аукција да го продаде, но на јавниот повик не се јави никој.
Кога во тој период се обративме до надлежните за судбината на објектот, од страна на УО на Фондот ПИОМ добивме експресен одговор.
– Во план е продажба на објектот на хотелот „Борец-Битола“. Почната е постапка за процена на пазарната вредност на објектот и негово објавување за продажба по пат на јавен повик – гласеше одговорот.
Инаку, за натамошната судбина на хотелот не знаат ништо ни вработените, кои со неговото затворање останаа на улица. Сега домот, кој беше од отворен тип, е затворен и оставен на забот на времето, да пропаѓа. Во него сега работаат само неколку дуќани што ги купија приватници, додека на хотелот му е ставен катанец.
Хотелот „Битола“ сега е целосно руиниран и запуштен. Така, Битола остана без уште еден објект што, според локалната самоуправа, можеше да се пренамени во современ дом за сместување стари лица.
Тоа не само што ги загрижува домашните стари лица, кои останале сами да се грижат за својата судбина, туку реагираат и повратниците од странство, зашто засега во Битола нема ниту една иницијатива за изградба на старски домови во државна сопственост. Поради немањето старски домови, голем број битолчани што беа на „привремена“ работа во САД, Канада или Австралија, иако имаа(т) огромна желба, сепак не се враќаат во Битола да ги поминат пензионерските денови во својот роден град, оти немаат каде. И тие постојано ја наметнуваат потребата за изградба на современи старски домови, но, за жал, нема ништо од тоа.