Иако годинава поради високите надворешни температури и топлото време грејната сезона во Кичево започна нешто подоцна и со помал интензитет, сепак последните денови кога температурите се нешто пониски, граѓаните на Кичево ги затоплуваат домовите, а тоа се рефлектира и на се поголемото загадување со ПМ-2,5 и ПМ-10 честички.
-Повеќе од јасно е дека високото аерозагадување во нашиот град произлегува исклучиво поради затоплувањето на домовите со тврди горива. Жителите на Кичево за жал не го положија испитот на зрелоста, бидејќи и понатаму за затоплување трошат дрва со висока влажност, стар мебел, гуми, прегорено масло и се што има значаен придонес во големото аерозагадување. Впрочем ако се следи и графиконот на аерозагадувањето на градот јасно е дека тоа забрзано расте во доцните попладневни саати кога се палат ќумбињата и се до раните пополноќни саати кога затоплувањето на домовите бележи полн интензитет, амбиенталниот воздух е најмногу загаден. И оваа амплитуда ќе се повторува речиси секојдневно, а ќе биде и уште полошо во периоди кога температурите ќе паднат под нулата а затоплувањето на домовите ќе започне во раните претпладневни саати а во домовите со постари луѓе ќе се ложи и цела ноќ – вели Коце Наумовски инжињер технолог и екологист од градот.
Секојдневното изложување на граѓаните на зголемено аерозагадување, придонесува бројот на пациенти во амбулантите од примарното здравство да биде се поголем. З.А.