„Нова Македонија“ со свој проект ги сондираше ставовите на дијаспората за клучни национални прашања
Проектот на „Нова Македонија“ за сондирање на мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од Македонија се заокружи со еден заеднички именител – како резимиран став на нашите сонародници од странство: Само обединети можеме да тргнеме нанапред!
Претставниците на Македонците што како малцинство живеат во соседните држави, но и оние од дијаспората, јасно укажаа на неопходноста за обединување на сите македонски политички и општествени чинители околу националните интереси, бидејќи само на таков начин ќе се унапреди Македонија како држава на сите општествени полиња
Во изминатиов период на страниците на „Нова Македонија“ во рамките на својот проект што имаше цел да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава разговараше со повеќемина клучни чинители како претставници на македонското малцинство во соседството и дијаспората низ светот. Нивните видувања и размислувања беа објавени во форма на интервјуа, преку кои беа презентирани ставови за повеќе прашања што ги засегаат сите Македонци, без разлика на местото на раѓање или живеење. Македонија како држава и македонскиот народ се обединувачки елементи на македонскиот национален супстрат, оттука потребно е да се слушне гласот на сите Македонци, затоа што тие се нераскинлив дел од македонското ткиво.
Од разговорите со нашите сонародници беше очигледно дека постои консензус околу повеќе прашања, особено по прашањето за потребата од обединување на македонските политички партии околу националните прашања.
Во овој контекст, Виктор Бивел, истакнат новинар, издавач, уредник и публицист од Австралија, нагласи дека македонските политичари треба да се обединат на идентичен начин како што се обединија грчките и бугарските политичари за низа нивни национални прашања. Но, Бивел искажа и зачудување на македонската дијаспора зошто македонските политичари не се единствени за националните прашања, нагласувајќи дека ова е и главната причина за ниското ниво на мислење за македонските политичари што преовладува кај Македонците низ светот. По прашањето за обединување околу националните прашања Виктор Бивел вели дека македонските политичари би добиле голема почит кога би усвоиле политики што ја зачувуваат Македонија како татковина на Македонците, ги штитат македонските малцинства во соседните земји.
Потребата од обединување беше потврдена и од Иљчо Китанов, претседател на Македонскиот национален совет – Швајцарија, според кого доколку Македонија сака да биде успешна приказна, сите македонски политички чинители треба најпрво да ги постават државните и националните, а потоа партиските интереси.
Речиси идентичен став има и Драги Стојковски, претседателот на организацијата „Обединети Македонци“ од Канада, според кого спасот за Република Македонија како единствена држава на македонскиот народ е во обединување на сите национално свесни сили во државата, од политичките партии до последното здружение. Според Стојковски, потребен е заеднички настап на сите Македонци и нивните здруженија, организации и црковни општини низ светот.
Нашите соговорници искажаа речиси идентични ставови и во однос на прашањето за функционирањето на институциите, корупцијата и владеењето на правото. Драги Стојковски токму во нефункционирањето на државните институциите ја гледа главната причина за фактот дека мнозинството млади гледаат да се школуваат во странство за полесно таму и да останат, или веднаш по дипломирањето бараат подобар живот некаде во свет.
Во однос на оваа проблематика, Иљчо Китанов посочи дека законите во Република Македонија за едни важат, а за други не, нагласувајќи дека такво нешто не може никогаш да се забележи во Швајцарија, ниту пак во некоја друга западноевропска држава.
Иван Сингартијски, копретседател на ОМО „Илинден“-Пирин, зборувајќи во истиот контекст, укажа дека македонскиот политички фактор треба да се стреми кон средување на македонската држава во секој поглед, како од економски така и од институционален карактер.
Слична констатација има и Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, според кого е потребна една развојна политика што ќе создава нови работни места, политика што ќе ги задржи младите во Македонија, стратегија што ќе биде насочена кон јакнење на институциите, бидејќи тие се суштината на државата.
Во однос на сѐ почестите великоалбански пројави во Република Македонија, нашите соговорници се согласни дека е потребно државата преку институциите решително да настапи, бидејќи идејата за голема Албанија или големо Косово ги нарушува суверенитетот и интегритетот на Македонија како држава. Според Иљчо Китанов, доколку се земат предвид сите изблици на великоалбанскиот национализам во Македонија, може да се заклучи дека голем дел Албанци не сакаат соживот со припадниците на македонскиот народ. Во однос на ова прашање, Драги Стојковски рече дека великоалбанските пројави не се ништо ново, дека тие ги имаше и пред 1990 година, меѓутоа тогаш имавме организирана држава, која донекаде ги штитеше националните интереси.
Нашите соговорници се согласни и околу прашањето за промената на македонскиот устав со цел вклучување на припадниците на бугарската заедница. Според нив, споменувањето на Бугарите во македонскиот устав не е проблематично доколку е во насока на унапредување на нивните права. Меѓутоа тие нагласуваат дека е потребен реципроцитет по ова прашање. Во овој контекст, Виктор Бивел посочи дека секој нормален човек може да види дека таквиот реципроцитет е правилен и праведен, како и дека сè додека не се дојде до реципроцитет, би требало да се прекинат деловите од договорот за пријателство со Бугарија. За ова прашање, Иван Сингартијски запрашува како може Македонија да си го смени Уставот, а Бугарија не може.
Македонските малцинства и дијаспората се согласни и околу прашањето за учество на сите Македонци во политичкиот живот во Република Македонија без разлика на местото на раѓање или живеење. Според Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија, многубројната македонска дијаспора од целиот свет има капацитет позитивно да влијае врз општествено и политичкото издигнување на Македонија.
Виктор Бивел за оваа проблематика вели дека контактот со политичарите во Македонија е многу тежок, ако не и невозможен, акцентирајќи потребата од промена на оваа состојба. Драги Стојковски вели дека оваа состојба може да се поправи единствено со овозможување на самите иселенички средини да си изберат свои видни избраници, кои ќе бидат членови на едно советодавно иселеничко тело што ќе биде мост со татковината. Д.Ст.