ПРИЛЕП

Центарот за социјална работа од Прилеп, кој има надлежност и за општините Долнени, Кривогаштани и Прилеп, спроведува неколку проекти. Еден е „Пилотирање на услуги за поддржано вработување на млади“, со кој се опфатени околу 30 млади што потекнуваат од социјално ранливи категории семејства и во соработка со Центарот за социјална работа и „ЛАГ Агро-лидер“, извршена им е преквалификација или доквалификација на работните вештини. Ова со цел младите полесно да се вклучат во процесот на работа, да се тргнат од социјалната сфера и да се вратат во формалната економија за да можат да излезат од сиромаштијата.
– Благодарение на овој проект, седум млади лица се вклучени во работен процес и започнаа да заработуваат сопствени парични средства – вели Дејан Тошески, директор на Центарот за социјални работи од Прилеп.

Институцијата во соработка со невладината организација „ЛАГ Агро-лидер“ и амбасадата на Р Австрија го спроведува и пилот-проектот за воспоставување достава на храна од народната кујна.
– Со вклучувањето на две млади лица се врши достава на оброците до Старскиот дом на корисниците. До овој момент, 25 оброци се доставуваат до домот на корисниците, со интенција да бидат доставувани сите 100 оброци – додава Тошески.
Следен проект што ќе го реализира центарот е заживување на практикантската работа, односно воспоставување мобилни тимови. Со овој проект е предвидено да бидат вклучени стручни профили од типот на социјални работници, правници, психолози и педагози, кои преку практична работа ќе помогнат да се доближат услугите и правата до граѓаните што живеат во руралните средини. Замислата е едни мобилни тимови да ги посетуваат населените места, особено оние најоддалечените, да им укажуваат на жителите на овие места какви сѐ права и услуги можат да остварат во надлежниот центар за социјална работа.