Привршува реконструкцијата на патот Прилеп - Тополчани - Битола

Прилеп

Во прилепскиот регион реализацијата на капиталните инвестиции во делот на изградба и реконструкција на патишта преку Јавното претпријатие за државни патишта продолжува со интензивна динамика, како и изградбата на водоводи, канализација и социјални станови. Ова го потврди и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој направи увид во Прилепско заедно со Зоран Китанов, директорот на ЈП за државни патишта. Според Сугарески, реконструкцијата на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола, кој е од исклучително значење за жителите од населените места во пелагонискиот регион, привршува.

– Останува да се постават оградите, така што до крајот на месецот патот ќе биде целосно завршен. Што се однесува до асфалтирањето на патот Фариш – Дреново, во должина од околу 10 километри, очекуваме со поставувањето на вториот слој асфалт, во следните десетина дена комплетно да биде завршен. Интензивно се работи и на патот од Лагово кон Мариово – истакна министерот Сугарески.

Наскоро треба да биде распишан тендер за изградба на три ленти на патот од Фариш до Прилеп, во должина од 19 километри, обезбедени се средства од ИПА-програмата за проширување на двете ленти. Ќе се работи на реконструкција на повеќе патишта во регионот, меѓу кои и на патот до граничниот премин Меџитлија и патниот правец Крушево – Кривогаштани. Паралелно продолжува и гасификацијата, за која се завршени 87 отсто од работите на кракот Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола.

– Реконструирани се 15,5 километри од патниот правец Прилеп – Тополчани – Битола во ширина од шест метри, а на некои завои и до осум метри. Поставена е банкина, асфалтирањето и сигнализацијата се целосно завршени, а во тек е поставувањето околу 600 метри еластична ограда, која деновиве ќе биде завршена – истакна Китанов.
На Градежниот факултет веќе се работи проектна задача за автопатот Прилеп -Битола, а надлежните велат штом се пушти во употреба новиот автопат, стариот пат ќе биде алтернатива за секакви други потреби на граѓаните.