Како и во сите градови во земјава така и во Кичево, со работа денес започнаа детските градинки, каде одзивот на децата беше нешто помал. На приемот на дечињата во детската градинка „Олга Мицеска“, додредојде и многу здравје им посака и градоначалникот Фатмир Дехари. Со денешниот рестарт заврши периодот на празни градинки.
– Со дезинфекцијата на сите простории на детските градинки што ја извршиме во понеделник, целосно се завршија сите превентивни зафати. При денешното доаѓање на децата во градинка задолжително ќе им се мери температура. Децата нема како порано да јадат во трпезарија, туку тоа ќе го чинат во просториите каде престојуваат, за да нема мешање со останатите групи кои се намалени, за разлика од претходниот период. Овие мерки ќе важат се додека постои и најмала опасност од ковид-19. Секојдневно се води список со сите деца кои треба да бидат присутни во градинките, со висината на телесната температура која е измерена кај нив при влез во градинка. Сите 63 вработени во градинките се на работа и со добра здраствена состојба – вели Садик Ахмети, директор на детските градинки во Кичево распоредени во четири независни објекти.
Тој додаде дека групите на деца до две години ќе ги сочинуваат од две до шест деца, додека групите на деца на возраст од три до шест години, ќе ги сочинуваат најмалку 15 дечиња. Групите за спиење ги сочинуваат 15 деца, но ако се има предвид дека голем дел од децата родителите ги земаат пред спиење, и од практика знаеме дека овие групи се помали, претежно ќе ги сочинуваат од 8 до 10 деца. За цело време додека е присутен коронавирусот управата на детските градинки ќе биде во постојан контакт со лекарите и институциите кои се задолжени за превенирање на короната. Во дел од градинките променети се старите со нови прозорци и врати, со што градинките ќе бидат попријатни за престој, а ќе имаат и помала потрошувачка на енергент за затоплување. З.А.