Над 300 битолчани конкуирале на јавниот повик за користење субвенции за купување на велосипед, според неофицијални информации од Општината Битола. Колку од нив ќе добијат субвенции ќе се знае откако општинската комисија ќе ги разгледа сите пристигнати пријави и колку од нив ги исполнуваат условите.
Општината Битола со јавниот повик за субвенции издвои 700.000 денари, а субвенциите ќе се доделуваат по принципот прв дојден – прв услужен. Токму затоа голем број битолчани се наредија пред општинската зграда за да поднесат документи уште пред јавниот повик да биде објавен на општинската веб-страница.
Според јавниот повик, Општината Битола ќе ги субвенционира граѓаните на Битола за купување на велосипед во износ до 50 отсто од висината на цената на велосипедот, но не повеќе од 5.000 денари за еден корисник. М.М.