Со скршеница на десната нога и повредена рака заврши 40 – годишна жена во обидот да избегне напад од бездомни кучиња вчера во Тетово. Непријатниот настан се случил во неделата околу 23 часот на булеварот „Маршал Тито“ кај зелениот пазар, пренесува МИА.
-Се движев од дома кај зелениот пазар кон автобуската постојка на булеварот за да одам трета смена на работа. Кучињата ме нападнаа кај пазарот. Се обидов да побегнам преку жардиниерата помеѓу тротоарот и велосипедската патека, но тука се сопнав и ја искршив ногата и ја повредив раката – вели В.С инаку мајка на три деца.
Жената била однесена во тетовската болница каде поради скршеницата на ногата и е направена имобилизација со гипс, а санирана била и повредата на раката. Случајот е пријавен во полиција, со тоа што полициска екипа дошла во болницата да направи записник за пријавениот напад од бездомни кучиња.