Согласно податоците можам да констатирам дека вкупниот број на извршени кривични дела на подрачјето на СВР Битола во изминатите шест месеци споредбено со истиот период од лани, бележи намалување за 26 проценти. Ова го истакна министерт за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на денешната посета на СВР Битола.
Според Спасовски вкупната ефикасност на расчистување на кривичните дела изнесува 43 проценти што е за осум проценти повеќе од минатата година. Според статистичките податоци најголемиот број на кривични дела се во областа на класичниот криминал, а за поздравување е податокот што само во Битола има намалување на бројот на евидентирани кривични дела за 51 проценти. Ефикасноста изнесува 47 проценти.
На подрачјето на целиот сектор за внатрешни работи вклучувајќи ги Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски брод има намалување на кривични дела за 30 проценти со ефикасност на расчистување од 43 проценти.
– Ова говори дека соработката на полицијата со граѓаните е се подобра, а тоа придонесува за зголемување на безбедноста на заедницата – изјави Спасовски.
Тој истакна дека за повеќе од 9 проценти е намален бројот на сообраќајните незгоди. М.М.