фото: Зоран Антоски

Со отворање на саемот организиран од страна на „Еко-свест“ од Скопје, денес во 17 часот започнува традиционалната манифестација „Белички средби“, која во претпоследниот викенд од месец јули ја организираат жителите од ова село во Кичевско.

Покрај саемот на готови производи и изработки од занаетчии, сточари, пчелари од регионот, во програмата ќе има и други активности од литерартурно читање, до концерти со познати солисти од земјава, а масовната посета од страна на жителите на Белица кои живеат во други градови и странство ќе го разубави декорот на овие средби.

– Со саемот што ќе го организира „Еко-свест“ од Скопје и на кој ќе се престават, медарот Мики, грнчарот Мартин, резбарот Александар, изработувачот на накит од смола Благојче, плетачката Стефани и многу други, започнува традиционалната манифестација Белички средби. Во текот на попладнето и вечерва во кругот на црквата„ Свети Ѓорѓија“ ќе биде организирано и литературно читање од страна на поети од литературниот клуб „Китка“ од Кичево како и нивни гости од соседните градови. Вечерта ќе биде збогатена и со музички настан на кој присутните ќе ги забавува и вокалниот солист од Кичево, Бране Стојаноски. Манифестацијата продолжува во недела кога пред бројната публика на овие средби се очекува да настапи и Влатко Лозаноски. Во текот на двата дена за присутните и гостите на манифестацијата ќе биде понудена квалитетна свежа храна и пијалоци – истакна еден од зачетниците на оваа манифестација, Раде Момироски.
З.А.