Фото: З.А.

Петта година по ред на градскиот плоштад во Кичево по повод големиот верски празник Рождество Христово – Божиќ, поставена е реплика на Исусовата пештера од Витлеем. Пештерата ја поставија членови од Здружението Бадникови поворки и група верници од градот.

– По петти пат во центарот на Кичево поставена е Исусова пештера, реплика на пештерата од Витлеем каде што се родил Исус Христос. Поставувањето на пештерата го организира здружението Бадникови поворки и група на граѓани. Колку е голем интересот кај младите од градот за оваа пештера потврдува и многубројната посета, пред се на дечињата, кои имаат голема желба тука да се фотографираат. Покрај пештерата поставена е и новогодишна елка, која за разлика од претходните години е од монтажен тип. Со тоа збогатен е и градскиот плоштад, откако тука беше поставено и ѕвезденото небо и куќичката на Дедо Мраз, украсена во новогодишно руво. Исусовата пештера ќе биде посетена масовно на верскиот празник Бадник, кога дечињата од Бадниковата поворка своето патешествие ќе го завршат токму на оваа локација каде ќе ја испеат и каландата Вечниот бог и ќе се фотографираат за спомен – истакна Бошко Сарафилоски од здружението Бадникови поворки.

Сарафилоски потсети дека оваа пештера ја изработило сестринството од манастирот во Рајчица, каде се изработуваат и помали реплики кои верниците ги порачуваат за големиот верски празник кога ги поставуваат во своите домови. За претстојните празници тука ќе се одржи и концерт посветен на најмладите од градот. З.А.

Куќата на Дедо Мраз/Фото: З.А.