Со ноќешниот Богојавленски водосвет за кумовите што ќе се случи во храмот „Свети Петар и Павле во Кичево“, започнува одбележувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици, кој во кичевската општина го одбележуваат четириесетина села и општинскиот центар Кичево.
– Со ноќешниот Богојавленски водосвет за кумовите, кој започнува во 3 часот после полноќ, во црковниот храм „ Свети Петар и Павле“ во Кичево започнува одбележувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици, кој на традиционален начин се одбележува во овој регион. По Богојавленскиот водосвет на кој присуствуваат кумовите од сите села во општината, околу 150 на број, тие земаат од осветената вода и со бакарно котле со крст украсен со босилок и шарен конец се упатуваат во родните села и некаде околу 13 часот тргнуваат во обиколка на домовите кои се дел од нивниот крст и ги покануваат да бидат нивни гости за Водици. На првиот ден Водици кумовите прскаат со осветената вода во црковните дворови со желба за здравје и бериќет, истовремено се врши и примопредавање на кумството – истакна отец Александар Крстаноски.
Тој нагласи дека на 19 јануари во црковниот храм во Кичево, во 7.30 часот ќе биде служена Утрена богослужба, додека половина час подоцна ќе се служи и литургија. По литургијата поворката предводена од свештениците и годинешните кумови на црковниот храм ќе се упатат кон базенот во поранешниот Дом на АРМ каде ќе се случи голем Богојавленски водосвет и положување на крстот во базенот. По завршувањето на овој чин кумовите ги канат своите пријатели, другари и верници да се вратат во храмот каде ќе биде благословен славскиот колач, по што годинешниот кум за сите присутни ќе понуди и закуска. З.А.