Фото: МВР

Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави. Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи законот не бил воопшто никогаш сменет, за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем, рече вечерва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски.

Тој лично, како што напомена во гостувањето на ТВ 21, нема никаков проблем дали да се продолжи рокот.

– Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија – истакна Спасовски.

Според него, законот за личните карти не е променет и тие ќе важат и по 12 февруари.

Досега, информира, променети се околу 1.210.000 патни исправи, повеќе од 1.100.000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи.

– Нема лимит, издавањето лични карти продолжува и по 12 февруари. Да не се креира слика во јавноста дека по 12-ти нема да дојде до промена на документите. Владата не донесе одлука зашто законот за лични карти не е променет, и тој е во важност, и од самиот почеток до денес беше јасно дека нема да има промена на личните документи. Неколку пати кажавме дека личните карти ќе важат и по 12 февруари, не заради тоа што се во домашна употреба, туку заради тоа што не го сменивме законот за личните карти во кој се остава рок за важење на личните карти – рече министерот, додавајќи дека согласно проценките, нема голем број лица кои побаруваат документи, а се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи.

Тој се осврна и на црните листи на САД.

– Низа активности и постапки и сериоозна поддршка од осамостојувањет до денес е синонимот на нашето стратешко партнесрво. Секако дека и рестриктивните мерки што ги носат одредени држави, знаете дека имаме рестриктивни мерки на Европската Унија, САД, Обединето Кралство итн., а се однесуваат токму на принципите кои се најважни – криминалот, корупцијата, како еден од стратешките приоритети и на македонското општество на што треба да се работи и понатаму. Вчера донесовме предлог кој ќе биде операционализација преку позитивните законски прописи во однос на лицата или правните субјекти кои се на црната листа или на САД или на Обединетото Кралство за да се отвори простор преку органите на системот, правосудните органи, да се завршат одредни постапки кои пред се, се во функција на јакнење на борбата против криминалот и корупцијата и тоа е основата на одлуките – објасни Спасовски.

За посетата на Вашингтон, информира дека се одржале значјни средби за продлабочување на соработката и иднината на нашата држава. На средбата со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот Џејмс O’Брајан, како што истакна Спасовски, било заеднички констатирано дека европскиот пат нема алтернатива.

– Констатиравме дека само европскиот пат е нешто по кое треба да се движат Северна Македонија и регионот. Разговаравме дека институциите мора да бидат засилени, да се води сериозна, транспарентна и неселективна борба против криминалот и корупцијата – потенцира Спасовски.

Во однос на откривањето кривични дела поврзани со корупција, нагласи дека има двојно зголемување, а околу шест милиони евра е вкупата штета во 2023 година.