Од година во година источните падини на Бистра кои се спуштаат до периферијата на Кичево, наместо да бидат огледало на граѓанска одговоност и заштита на животна средина, се претворени во вистинска депонија. Нема педа место каде што не е нафрлено се и сешто – од мебел, бела техника, стари алишта, градежен шут и се што не им било потребно на домаќинствата, го фрлиле во недопрената природа на Крушино, која до пред две децении изгледаше многу поинаку.
Голем број граѓани кои редовно или повремено пешачат од градот до Крушино и Кнежино, како Елени Цацова, се крајно револтирани од глетката.
-Повеќе од половина век пешачам и планинарам и секаде каде што сум стапнала во светот се одушевував на природните убавини и на чистотата за која се грижат локалните жители. Во градот во кој живеам повеќе децении таква убавина беа падините на Крушино, до пред две децении. Во последниве години овој локалитет е претворен во вистински отпад натрупан со секаков вид на ѓубре – вели Цацова и се чуди на неодговорниот однос кон природата на нејзините сограѓани.
Можат да се забележат и купишта на градежен материјал, кој тука го истуриле неодговорни граѓани.
– Тешко ми паѓа што ова се случува на едно преубаво место кое наместо да биде еколошка оаза со чист воздух, тоа е претворено во ѓубриште кое од година во година е се поголемо и поголемо – рече Цацова и упати апел до одговорните да му посветат поголемо внимание на овој простор се додека не е доцна.
З.А.