Националниот парк Пелистер, Битола, во наредниот период за развој на планинскиот туризам на Пелистер и Баба планина ќе ги користи искуствата на НП Плитивички езера Хрватска.
Ова беше договорено за време на средбата со делегацијата од НП Плитвички езера од Република Хрватска која се одржа во Националниот парк Пелистер.
Делегацијата од Хрватска, која ја предводеше раководителот на секторот за заштита на природата на паркот Плитвички езера, Кресимир Чулинович по обиколката на теренот, со претставниците на НП Пелистер имаа заедничка средба во конференциската сала на Инфо Центарот и кратко запознавање со историјата на Националниот парк Пелистер, како и посебностите на паркот преку изложените експонати од флората и фауната на Баба Планина, изложени во Инфо Центарот.
На средбата беше разговарано за предизвиците и искуствата со кои се соочуваат во овој период од годината и двата парка, а беа разменети искуства за оптимално и успешно менаџирање со природните ресурси и потенцијалите на парковите со кои раководат.
Гостите од Хрватска за време на посетата искажаа позитивен впечаток од обиколката на НП Пелистер, убавините на планината, организацијата на работењето и можностите кои ги нуди НП Пелистер.
М.М.