Кумановци ќе имаат бесплатен превоз наредните шест месеци, донесоа одлука советниците на последната седница. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска информираше дека Советот на општината го прифати неговиот предлог и едногласно донесе одлука за субвенционирање на јавен линиски превоз во наредните шест месеци, со тенденција да продолжи и во иднина.
– Со оваа одлука, граѓаните во наредниот период ќе можат бесплатно да го користат јавниот линиски превоз за своите потреби. Во време на економско – енергетска криза, граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето. Дополнително, ќе се стремиме да се унапреди нивото на услуга во јавниот линиски превоз во Куманово и да стимулираме што е можно повеќе граѓани да користат јавен превоз за сопствените потреби – потенцираше Димитриевски.
Речиси 80 отсто од кумановци на претходно спроведената анекта, покажаа интерес за воведување бесплатен автобуски превоз. Според анкетата „Јавниот превоз во Општина Куманово, потреба од бесплатен јавен превоз и негово влијание врз квалитетот на животот на граѓаните“, високи 79 проценти сакаат бесплатен превоз, наспрема 13,9, кои не сакаат.
Скоро 45 проценти од испитаните кумановци, сметаат дека бесплатниот превоз ќе помогне во заштедата во семејните буџети, 23 проценти мислат дека ќе се намали метежот, 16 отсто веруваат дека ќе се влијае врз намалување на аерозагадувањето, според 6,4 отсто, ќе се ублажи недостигот на паркинг места.
Инаку, во Куманово, според анкетата, јавен превоз користат 43,8 проценти од граѓаните, кои ги оцениле со тројка вршителите на јавниот превоз во градот.
Анкетата беше направена на репрезентативен примерок од 1.018 испитаници на територија на Општина Куманово.
Дел од мерките за намалување на аерозагадувањето е користење на јавен превоз. Тоа директно влијае врз намалување на аерозагадувањето, проблем со кој најголемата општина се соочува со години.