Традиционално пред Денот на жената – 8 Март, во средиштето на Кичево се поставуваат тезги на кои цвеќарите од градот и трговци од страна продаваат цвеќиња и други реквизити кои се подаруваат за овој празник. Цвеќарите од градот ги имаат закупено тезгите за сите денови, додека трговци од страна без закупени тезги продаваат цвеќиња на слободниот простор.
– Годинава за 8 Март времето е наш сојузник и можеме да се посветиме на продажбата без да се плашиме од можни врнежи од дожд. Прометот е сличен како и лани, додека цените се незначително повисоки – вели цвеќарот Драган Трајкоски.
И останатите цвеќари велат дека прометот е сличен како и лани, но единствено е задоволителен на самиот празник.
– Барем од денешното искуство можам да заклучам дека побарувачката на цвеќе е нешто послаба од лани, а можеби една од причините лежи и во повисоките цени на сите цвеќиња. Зголемените цени се предизвикани поради повисоките набавни цени, што е причината и ние да имаме нешто повисоки цени споредено со лани – нагласи Менче Пејоска, локална цвеќарка, која има забелешка на нелојалната конкуренција што ја прават цвеќари од други градови.
И останатите цвеќари со слични искуства од прометот пред 8 Март.
– ако денес фреквенцијата на луѓе е зголемена, сепак продажбата не е порасната. Претежно се купуваат каранфили, а ретко кој пазари цвеќе во саксија или друг цветен аранжман. Сепак, да очекуваме работите да се променат, а ние да го оствариме планираниот промет – посочи Јасмина Софрониеска, продавачка на цвеќе .
Инаку, цената на карафилите е 60 денари, ружите чинат од 150 до 200 денари, додека цвеќињата во саксија се продаваат по 250 денари и нагоре. З.А.