Забрзаното иселување на младите од Кичево и укинувањето на патничкиот воз на релација Кичево-Скопје и обратно придонесоа речиси сите дуќани пред железничката станица кои работеа повеќе децении речиси целосно да бидат затворени. Од триесетината дуќани денес живуркаат еден угостителски дуќан, продавница за зеленчук и слаткарница.
Сите сопственици кои ставија катанец на дуќаните затворањето го објаснуваат со немањето промет и неисплатливоста да продолжат со работа.
-Додека патничкоот воз секојдневно во пет наврати сообраќаше на релација Кичево-Скопје и обратно, бројот на патници беше исклучително голем во сите термини, а голем дел од нив често пазареа во мојот дуќан пред да заминат дома или да отпатуваат. Прометот беше повеќе од задоволителен. Но сето тоа беше убаво до пред десетина години. Оттогаш патничкиот воз едвај два пати на ден со по еден вагон доаѓаше во Кичево, патници скоро и да немаше а со тоа драсично опадна и прометот во нашиот дуќан – вели Милорад Грујоски, сопственик на продавница во овој дел од градот.
Околу две години возот воопшто не сообраќа.
Се затворија кебабчилници, фризерски салони, берберски салон, фотографско студио.
-Иселувањето на помладите од нашиот град и замирањето на патничкиот воз на релација Кичево-Скопје и обратно придонесоа работата на дуќаните пред железничката станица секојдневно да опаѓа. Пред три децении имавме полни раце работа и голем број минувачи и граѓани не посетуваа. Кај нас појадуваа, ручаа, вечераа или пак купуваа за попат патувајќи кон Скопје. Но на наше разочарување престанокот со работа на патничкот воз на релација Кичево-Скопје и обратно, во голема мерка придонесе работата секојдневно да опаѓа а со тоа и нашата заработка. Тоа на крајот беше причината да му ставиме катанец на нашиот дуќан и да заклучиме дека едно златно време неповратно заврши – вели поранешен сопственик на сендвичара.
За разлика од сега, порано сопствениците на овие мали бизниси иднината ја гледале во родното место и планирале дуќаните да ги отстапат на своите деца, за и тие да продолжат со истата дејност.
З.А.