Монографијата „Советување студенти, од проблем до решение“ е резултат на 10-годишните активности на Советувалиштето за студенти по медицина и сродни науки при Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија, за обезбедување соодветна психолошка поддршка за студентите на УКИМ – Медицински факултет Скопје, со цел создавање поддржувачка и поттикнувачка акедемска средина, но не само за нив, вели проф. д-р Сања Манчевска, психијатарка во Советувалиштето за студенти по медицина и сродни науки, авторка на монографијата, чија промоција е закажана за утре (3 април), од 13 часот, во амфитеатарот при деканатот на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје.

Воведниот збор на промоцијата ќе го има проф. д-р Василка Ренџова од Стоматолошкиот факултет, УКИМ-Скопје, академски осврт на монографијата ќе имаат проф. д-р Славица Арсова, раководителка на Катедрата за психијатрија, Медицински факултет, УКИМ-Скопје и проф. д-р Јасмина Плунцевиќ Глигороска, рецензентка на монографијата и раководителка на Институтот за физиологија со антропологија, Медицински факултет, УКИМ-Скопје, а за значењето на монографијата за академската средина ќе говори проф. д-р Јулија Живадиновиќ Богдановска, продеканка за настава на Медицинскиот факултет, УКИМ-Скопје.

– Причините за формирањето на Советувалиштето за студенти по медицина и сродни науки беа базирани врз сознанијата од долгогодишната научна работа од областите на когнитивната психофизиологија и невронаука, која веќе се остваруваше во Институтот, и произлегоа, зрееја и се надградуваа една врз друга. Сумарно, за да постои успешна академска изведба потребно е поединецот да може да ги држи под конторла биолошките, психолошките и факторите од средината кои му предизвикуваат стрес – вели проф. д-р Манчевска.