ОХРИД

Општина Охрид започна со реализација на уште една значајна инвестиција за модернизирање на градската инфраструктура. Се работи за проектот за комплетна реконструкција на улицата Јане Сандански на потегот од крстосницата со булеварот Туристичка до крстосницата со улиците Сирма војвода и Даме Груев и реконструкција на целокупната водоводна линија.
Градоначалникот Константин Георгиески, заедно со надлежните од Секторот за комунален развој сообраќај и улици, изврши увид на започнатите градежни активности.
– Според планираното, ќе биде извршена комплетна промена на водоводната мрежа од азбестно-цементни цевки, која е стара повеќе од 50 години. Со ова, конечно ќе бидат надминати долгогодишните проблеми на граѓаните што живеат на овој потег од градот – информираат од Општината.
Ќе се врши изведба на нов цевковод во должина од 700 метри и две секундарни линии од двете страни на улицата со вкупна должина од 1200 метри. Цевките на главниот цевковод ќе бидат од лиено железо со димензија Ф200, а на секундарните линии ќе бидат поставени цевки со димензија Ф100. Активностите ќе ги изведува „Вардарградба“ ДОО Скопје. Ќе бидат инсталирани и шест противпожарни хидранти на крстосниците со попречните улици. За новата водоводна мрежа од буџетот на Општина Охрид се издвоени 15.231.078 денари.

Во оваа сума не се вклучени трошоците за новите приклучоци на домаќинствата кон новата водоводна линија, кои исто така ќе бидат покриени од страна на Општината.
Во рамките за проектот за реконструкција на улицата Јане Сандански, предвиден е нов асфалт за коловозната лента и реконструкција на тротоарите од двете страни на улицата. Ќе бидат изведени велосипедски патеки, локации за паркирање, две автобуски постојки и две локации за такси-превозници.
– Исто така, ќе бидат извршени асфалтно поврзување и нивелирање на коловозот со сите попречни улици што гравитираат кон улицата Јане Сандански. Предвидени се подигнување нов дрворед, поставување ново улично осветлување и соодветна сообраќајна сигнализација. Според проектираната вредност, за реконструкцијата на оваа сообраќајница ќе бидат издвоени 14 милиони денари од општинскиот буџет. Бидејќи се работи за сложени градежни активности, за да се обезбеди поголема безбедност на сообраќајот, воведен е посебен сообраќаен режим на оваа улица. Општина Охрид апелира до граѓаните за поголемо трпение и поддршка во текот на реализацијата на овој значаен проект – велат оттаму.