Врнежите од дожд кои веќе два дена постојано паѓаат во Битола го зголемија нивото на реката Драгор, кој кај местото викано Довлеџик се излеа и по уривањето на дел од брегот сериозно ја загрози пумпната станица на ЈКП „Водовод“, од каде што градот се снабдува со питка вода за пиење.
Во санирање на состојбите се вклучија сите јавни комунални претпријатија на Битола.
Директорот на „Водовод“ Горан Козаров изјави дека состојбата е повеќе од алармантна, со оглед на тоа што нивото на реката Драгор е подигнато на највисока точка и носи се пред себе, а тука е објектот на пумпната станица во сопственост на
„Водовод“ , која е од стретешко значење за добивање на вода на општина Битола и околните општини, Новаци и Могила.
Според Козаров голем дел од речното корито во тој дел на градот е однесено. Екипите работат и ќе останат и во наредниот период за да ја следат ситуцијата, со оглед на тоа што врнежите од дожд се уште не престануваат. Проблемот е што текот на речното
корито е изместен, вели Козаров.
На најкритичното место од поплавите кај „Довлеџик“ настаните ги следеше градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
– Надојдената вода изврши сериозен ископ на брегот на речното корито на реката Драгор, во близина на пумпната станица преку која што се врши водоснадувањето на нашата и на околните општини. Пред крајот на декември 2020 година завршија
градежните активности за санацијата на потпорниот ѕид кај пумпната станица „Довлеџик“. Станува збор за регулација на коритото на реката Драгор која поради нерегулираноста, при надоаѓањето на вода, вршеше поткопување на земјиштето, а со тоа и на дел од патот, при што се спречуваше пристапот до пумпната станица, со која се овозможува водоснабдувањето на градот. Со оваа интервенција, финансирана од Општина Битола во вредност од 3.365.000 денари или над 50.000 евра, се решаваат
неколку долгогодишни проблеми – изјави Наташа Петровска.
Инаку, реката Драгор токму кај местото „Довлеџик“ во последно време служеше како депонија за фрлање на смет и шут и тоа доведе до стеснување на речното корито кое не можеше да ги прими водите и при помали врнежи на дожд.
Поради обилните држави денеска во Битола беа поплавени и приземните простории на улиците „Партизанска“ и „Васко Каранглевски“, а поплавени беа и селата Породин и Острец. М.М.