фото: Зоран Антоски

Невладината организација „Рурална Коалиција“ и детската градинка „Олга Мицеска“ од Кичево стапија во акција за промоција на домашното производство на здрава храна и тоа почнувајќи од најмалите, поточно од дечињата од претшколска возраст.

Во оваа кампања им беа доделени пакетчиња со органска храна од домашно производство на 150 дечиња од градинката.

– Оваа година се вртиме кон локалното, поточно на домашното производство и тоа од повеќе причини. Дури 84 проценти од земјоделците почувствувале негативни последици од пандемијата со ковид-19, за на дел од нив приходите оваа година да им се намалат дури за 60 проценти, поради затворањето на пазарите и границите како и намаленото производство поради стравот за пласман. Во исто време најголемиот товар во текот на пандемијата го имаа жените во семејствата, на кои им беше препуштена целосна грижа за домот, децата и постарите лица, се зголеми психолошкиот притисок се да се постигне на време, а на крај останаа и без планираната заработка од продажбата на своите производи. Промоцијата што ја чиниме преку новогодишните пакетчиња добива уште повеќе на тежина, ако станува збор за нивна консумација од страна на најмалите односно децата од претшколска возраст, кои се уште ги формираат своите навики за исхрана – истакна извршната директорка на „Рурална Коалиција“, Лиљана Јоноски.

„Руралната Коалиција“ ги обезбеди овие пакетчиња во рамките на финансиката поддршка од програмата на Цивика мобилитас, која е дел од програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршка на граѓанското општество во Македонија.

З.А.