Во ЦСР-Прилеп досега 1.500 граѓани побарале еднократна парична помош

Прилеп

Здравствената криза со ковид-19 и актуелните состојби што ги донесе пандемијата, како и безработицата, во ова време сѐ повеќе ги осиромашува граѓаните. Кризата погодува сѐ повеќе семејства, на кои им е потребна парична помош. Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Прилеп од ден на ден граѓаните покажуваат сѐ поголема заинтересираност за користење еднократна парична и загарантирана минимална помош. Дневно до центарот се доставувале по околу 70 барања, а понекогаш и до 100, за користење еднократна парична помош.
– Во Прилеп, поради кризната состојба со коронавирусот, зголемена е заинтересираноста за користење еднократна парична помош и гарантирана минимална помош – информираат од Центарот за социјални работи – Прилеп (ЦСР).

Дека бројот на барањата сега станува многупати поголем од претходно потврдува и првиот човек од Центарот за социјални работи во Прилеп.
– Претходно добивавме по околу 10 барања за еднократна парична помош во текот на денот. Сега е многукратно зголемен бројот на доставените барања за еднократна парична помош. Досега имаме околу 1.500 барања. Во тек е постапката по нив – вели Дејан Тошески, директорот на ЦСР – Прилеп.

И бројот на барањата за гарантирана минимална помош исто така е зголемен.
– Се доставуваат од 10 до 15 во текот на денот, а претходно имавме по четири-пет барања дневно. Сега, со новите законски измени, од 24 април очекуваме барањата за користење гарантирана минимална помош да се зголемат. Висината на помошта е во зависност од бројот на членовите на семејството – објаснува Тошески.

Во трите општини, Прилеп, Долнени и Кривогаштани, околу 2.000 семејства примаат гарантирана минимална помош.
За време на вонредната состојба поврзана со корона-вирусот, за да се заштитат и вработените во центарот, но да се заштитат и странките, приемот на граѓаните се врши во канцеларија на влезот во центарот, каде што се оставаат барањата. Ка.М.