СТРУМИЦА

Граѓаните на Струмица и другите општини во регионот од неодамна се вакцинираат во регионалниот пункт за вакцинација против ковид-19 што се наоѓа во спортската сала на училиштето „Никола Вапцаров“. Пунктот го посети градоначалникот Коста Јаневски, кој рече дека вакцината е најсилното оружје во борбата со оваа пандемија и апелира за помасовно вакцинирање и враќање во нормалниот живот.
Јас сум задоволен бидејќи успеавме заедно, Здравствениот дом, Општата болница и Општина Струмица, која ја обезбеди целата опрема со која се создадоа сите предуслови за да може да се врши вакцинацијата, да им овозможиме на нашите граѓани повеќе да не патуваат во другите општини за да се вакцинираат. Тоа беше главниот мотив што нѐ натера да поведеме иницијатива до Министерството за здравство, која веднаш беше прифатена и со која дадовме уверување дека ние можеме да организираме еден ваков пункт, имаме адекватна просторија за овие норми, која технички ја опремивме – информира Јаневски.
Тој кажа дека е обезбедено сѐ што е потребно од медицински аспект, како обучен персонал за вакцинација.
Сметам дека ова ќе се одвива во најдобар ред и на нашите сограѓани ќе им се олесни пристапот до вакцините – рече градоначалникот.