Зголемената отпорност на габичните инфекции на лекување, за која предупредува Светската здравствена организација (СЗО), претставува сѐ поголем ризик по здравјето, а меѓу причините за ваквата состојба се продолжувањето на животниот век на луѓето, заедно со опаѓањето на имунитетот, пандемијата на ковид-19, како и масовното користење на антибиотици, како што истакнува микробиологот проф. д-р Никола Пановски.
– Една од причините за ваквата отпорност на габичните инфекции во споредба со порано е што денес луѓето подолго живеат и има помногубројна постара популација, а нивниот имунитет е послаб. Габите напаѓаат луѓе со нарушен имунитет, болни од леукемија, СИДА, луѓе што преживеале сообраќајна несреќа… и тешко се лечат. Кога ќе најдеме ваква габа во крвта, пацентот веќе е мртов или при крај – вели Пановски.
Според него, ковид-пандемијата е голем причинител за човештвото да се доведе во ситуација во која габите стануваат толку отпорни. Главна причина, наведува тој, е масовното користење антибиотици.
– Ковид-пандемијата е причинител за ваквата состојба зашто многу се користеа антибиотиците. Антибиотиците ги убиваат и добрите бактерии, имунитетот се намалува, телото е слабо, а тоа доведува со ширење на габични инфекции – вели Пановски.
Светската здравствена организација (СЗО) ја состави првата листа на габични патогени, кои претставуваат најголема закана за здравјето на луѓето, предупредувајќи дека некои видови стануваат сѐ поотпорни на лекови и се сè пораспространети. Телото на ОН, кое има слични списоци за вируси и бактерии, објави дека габичните инфекции и нивната зголемена отпорност на лекување претставуваат сѐ поголем ризик.
Историскиот недостиг на фокус врз опасноста од габични патогени значи дека постојат големи празнини во знаењето, како и недостатоци во следењето, лекувањето и дијагнозата. Габичните инфекции често ги погодуваат луѓето кои се веќе сериозно болни, како што се пациентите со рак или туберкулоза, а стапките се зголемија кај хоспитализираните пациенти со ковид-19 за време на пандемијата.
Списокот на СЗО ги дели патогените во три категории врз основа на нивното потенцијално влијание и податоците за ризикот од нивната отпорност: критичен, висок и среден приоритет.
Групата со критичен приоритет ја вклучува Кандида аурис, која е многу отпорна на лекови и предизвика бројни епидемии во болниците ширум светот, како и Криптококус неоформанс, Аспергилус фумигатус и Кандида албиканс.
– И со вирусите и со габите е слична ситуацијата. Многу масовно се користат антимикотици, кои со текот на времето ја намалуваат отпорноста на организмот. Габите се поотпорни од бактериите. Најголем проблем е Кандида аурис, којашто се јавува кај тешко болни луѓе. Најчеста габа што се појавува е кандида албиканс, секој човек ја има. Ама ако се појави во крвта може да е смртоносна – вели Пановски.
Групата со висок приоритет вклучува голем број други габи од семејството Кандида, како и други како што се Мукоралес, група која содржи габи што предизвикуваат мукормикоза или „црна габа“, инфекција која брзо се шири меѓу сериозно болните луѓе, особено во Индија за време на епидемијата на ковид-19. Групата со среден приоритет вклучува голем број други габи, вклучувајќи ги Кокидиоидес спп и Криптококус гати.
Постојат четири типа на лекувања, со многу малку нови опции во развој. Тешко беше дури и да се процени обемот на заканата поради недостиг на податоци, нагласи СЗО, апелирајќи до владите и научниците да направат големи напори за да го засилат одговорот на 19-те габични инфекции од списокот.
– Излегувајќи од сенката на пандемијата на бактериска антимикробна отпорност, габичните инфекции се шират и стануваат сè поотпорни на лекување, станувајќи проблем за јавното здравје ширум светот – изјави доктор Ханан Балхи, помошник-генерален директор на СЗО за антимикробна резистенција.
Климатските промени исто така значат дека се шири зачестеноста и географскиот опсег на патогени, нагласи СЗО. Отпорноста делумно е предизвикана и од прекумерната употреба на антифунгални средства во земјоделството.