Фото: Игор Бансколиев

Законот за потекло на имот никако да профункционира

Законот за потекло на имот беше најавуван уште пред година и половина, но ниту се донесе, ниту пак има најави дека во скоро време ќе биде направено тоа. И во минатото пропаѓаа сите обиди да им се влезе во трагата и да се разоткријат богатството и имотот со кој располагаат нашите функционери. Во меѓувреме, за овие 30 години, плејада луѓе, кои најмалку можат да се наречат политичари, се појавија на политичката сцена, си ги наполнија џебовите, енормно се збогатија и никогаш не објаснија како го стекнале својот имот.
Автомобили, станови, дуќани, плацеви, бизниси се само дел од имотот што го стекнуваат користејќи ја привилегираната позиција додека се на функција, а кога ќе си заминат, прекуноќ се заборава како за три-четири години стекнале имот што нормален граѓанин во оваа држава не може да го стекне за два-три живота, ако не и повеќе.
Токму богатењето, лично, но и на политичкиот субјект што го претставуваат, и натаму е главна мотивација за занимавање со политика во оваа земја, наместо основен императив за политичарите да биде градењето просперитетна држава и задоволни граѓани.
И додека политичките партии меѓусебно се обвинуваат кој повеќе стекнал корист од политиката, народот е тој што константно осиромашува во овие три децении и од година на година само се зголемува бројот на сиромашни граѓани што не можат да врзат крај со крај.
Од тие причини, важно е да се донесе законот за потекло на имот, но уште поважно е да профункционираат институциите во државата, кои и досега можеа лесно да откријат кога некој функционер несразмерно се збогатил додека бил на функција, но не го правеа тоа.

Во првичната верзија на законот за потекло на имотот, која беше најавувана, беше предвидена конфискација на имот над 30 илјади евра ако сопствениците не можат да го докажат неговото потекло, а требаше да важи, освен за функционерите, и за граѓаните. Сега повторно се најавува некаква нацрт-верзија на законот само колку да се фрли прав во очите на јавноста дека постои расположение за утврдување на потеклото на имотот кај функционерите, но зад сето тоа е крие поразителната вистина дека институциите знаат кој како се збогатил, но како да не сакаат да постапуваат.
– Тој закон за потекло нема никогаш да се донесе. Еве, да се запрашаме, кому му одговара да се донесе ваков закон? Никому. А не им одговара бидејќи така еден куп политичари и јавни функционери ќе мораат да докажат како стигнале до одредени богатства, станови, куќи и слично. Тие пополнуваат анкетен лист за имотната состојба на почетокот кога стапуваат на функција и на крајот кога си одат, а антикорупциската комисија гледа дали има драстично менување на состојбата. Ако утврди дека има, констатира дека има, но не се утврдува од каде е стекнато тоа несразмерно богатење. Втора работа, политичарот откако ќе ја напушти функцијата повеќе не е интересен за Државната комисија за спречување корупција. Со тоа завршува целата приказна – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Според него, не смее ова да заврши само со обична констатација на ДКСК дека е стекнато богатство чие потекло не може да се докаже, туку постапките треба да продолжат на подолг рок.
– Треба функционерите да продолжат да се следат уште пет години по завршувањето на мандатот за да се утврди дали тоа што бил на одредена позиција го искористил во некоја насока, па некој му враќа отпосле – нагласува Пекевски.
Тој уште додава дека има и други институции што може да постапуваат, но не го прават тоа бидејќи се плашат до каде може да ги доведе истражувањето на потеклото на имотот.
– Може да постапува и Јавното обвинителство, но како да постапува кога треба самото да си пука во нога. Никој не е заинтересиран и веруваме дека овој закон за потекло на имот нема никогаш да се донесе, бидејќи тоа никому не му одговара. Ако почнат да истражуваат кој од каде и колку има, ќе излезе на големо работата и ќе треба многу и од актуелните и од поранешните функционери да се стават во затвор ако не можат да докажат од каде им се парите со кои се стекнале. Искрено, не верувам дека ќе можат сите да докажат од каде им се парите – истакнува Пекевски.
Тој смета дека треба да се контролираат сите бизниси и тендери во кои учествуваат функционери или нивни блиски компании.
– Што значи тоа подарок, добар бизнис? Каков е тој добар бизнис кога некој бил на функција, а потоа по престанувањето на функцијата се вработил во некоја суперкомпанија што соработувала токму со него додека бил на позиција. Бизнисите си продолжуваат. Кај нас политичката функција се користи исклучиво за лична бенефиција, ги нема тука граѓаните и нивните интереси – категоричен е Пекевски.
Универзитетската професорка Слаѓана Тасева оди и чекор понатаму, тврдејќи дека воопшто не ни е потребно носење закон за потекло на имот бидејќи и со постојните механизми може лесно да се утврди дали некој се стекнал со имот и се збогатил користејќи ја функцијата.

– Ако зборуваме за политички инволвирани лица, постојат сите механизми за контрола, но проблем е што никој не ги користи тие механизми. Кога една обична проверка на имотот пријавен во антикорупциската комисија ќе покаже дека има несовпаѓања, најмногу што прават антикорупционерите е поднесување прекршочна пријава. Никој не оди во докажување и одземање на имотот, а тоа е дозволено со законот, но и со кривичниот закон. Тука прва треба да постапи ДКСК, која ако поднесе пријава за несразмерно богатење, за што постои кривично дело, тогаш треба да постапи и јавниот обвинител. Го имаме целиот механизам да ги провериме оние што се политички експонирани лица, или поврзани лица, затоа што компаниите што добиваат тендери по автоматизам стануваат поврзани лица со тие лица. Имаме сè, само што немаме имплементација и ефикасност – вели Тасева.
Според неа, во Македонија ги има сите потребни закони, но вината ја лоцира во институциите.
– Ние ги имаме сите потребни закони, нема политичка волја и желба да се работи по тие закони. Сечиј имот може да се провери. Проблем е што институциите немаат храброст да проверат и да чепнат бидејќи не знаат до каде ќе ги однесе проверката на нечиј имот – заклучува Тасева.