Фото: З.А

Реконструкцијата на терените за мали спортови што започна пред две седмици се ближи кон самиот крај, и трите терени лоцирани во кругот на Правниот факултет во Кичево наскоро ќе блеснат со нов сјај. Овој проект финансиски го поддржа Министерството за Спорт а изведувач е компанија од Скопје, која досега изградила и реконструирала голем број на терени за мали спортови низ државава.

-Во наредните неколку дена целосно ќе ја завршиме реконструкцијата на спортските терени во Кичево наменети за футсал, ракомет, одбојка и кошарка. Најпрво на овие терени ги отстранивме оштетувањата кои ги имаа претрпено терените во изминатите неколку децении, период во кој воопшто не беше интервенирано врз нив. Завршени се терените за ракомет и одбојка а наскоро ќе биде завршен и кошаркарскиот терен. Во наредниот период преостанува крај трите терени да се изградат мали трибини, по што ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните од Кичево-истакнаа од компанијата изведувач.

Спортистите ветерани од Кичево добро го паметат периодот кога на овие терени ги започнаа своите први спортски чекори.

-Реконструкцијата на овие терени во нас поранешните ракометари на РК „Партизан“ Кичево, будат пријатни спомени на едно време кога за првпат во нашиот град беа формирани машкиот и женскиот ракометен клуб, кои се натпреваруваа во тогаш единствената Републичка лига, а крај ракометниот терен на нашите натпревари се собираа и по 1500 гледачи, кои ни даваа сесрдна поддршка на сите домашни средби-се присетува Васко Сиљаноски поранешен ракометар на РК„ Партизан“ Кичево. З.А