Сајбер-насилството води до трагедии
Ова што се случува е креација на токсичноста на условите во кои живееме и откажување на личната одговорност во сопствениот живот и животите на другите. Како да сме во филм, а вистински крвариме, вели психологот Радмила Живановиќ по повод неодамнешниот сајбер-булинг што се изврши врз младата српска јутјуберка Кристина Гуќиќ, која на 21 година си го одзема животот.
– Девојката потклекна на сите навреди, псовки, напади, омаловажувања – рекоа инфлуенсерите што се здружија во осудата за сајбер-булингот.
Омразата се вкоренува во нас тогаш кога ние ѝ даваме легитимитет
Младите јутубери и инфлуенсери се актуелни меѓу јавноста, а честопати се и мета на навреди, погрдни зборови и сајбер-булинг, што неретко резултира со страшни последици кај жртвите.
– За мене е повеќе поразително како таа останала тивка во својата исклучителна повреда. Како всушност ние стереотипизираме дека инфлуенсерка не може да биде жртва на булинг. Како другите околу неа воопшто не забележале и не реагирале. Со кого таа разговарала за ова, или ние едноставно го поддржуваме митот на неранливост и небарање помош во ситуации на криза. Омразата на луѓето е позната одамна. Таа се вкоренува во нас тогаш кога ние ѝ даваме легитимитет. Очигледно девојката дала преголем легимитет на другите да ја дефинираат, оквалификуваат, гледала на нивниот глас како на вистина. Постоела голема несигурност кај неа за да даде толкава моќ на коментарите. Ние, посебно во време на социјалните медиуми, не знам колку можеме да ги контролираме тековите, но верувам дека можеме да се охрабриме и да научиме како да се спротивставиме на невистини, да откриеме колку ни е вреден животот, и колку истиот е наша одлука и одговорност – вели Живановиќ.
Според неа, интересно е мислењето дека човекот сè уште мисли дека она што го правиме на интернет не е реално и дека не може вистински никого да повреди.
– Мислиме дека интернетот е простор за исфрлање на фрустрациите што не можеме да ги исфрлиме во реалноста, без чувство за реални последици, што се покажува дека не е така, и дека сме многу помалку во контакт со себе и своите фрустрации и потреби, за кои мораме да најдеме соодветни начини да ги исканализираме, без да имаме толкава голема потреба да повредиме некој – додава психологот.
Според последното истражување на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), спроведено низ Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија, Косово, Црна Гора, Романија и Србија, од август 2020 година до август 2021 година, регистрирани се речиси 800 случаи на кршење на дигиталните права.
Прекршувањата се случувале на Тикток, Фејсбук, Твитер и Инстаграм, а се ширеле и преку Вибер и Воцап.
Даваме фокус на казните, а не на свеста и превенцијата
Нивниот извештај „Онлајн заплашување: Контрола на наративот на Балканот“, покажува дека ранливите групи, вклучувајќи ги жените, малцинските групи, ЛГБТ-групите, ромските и еврејските заедници, како и малолетниците и мигрантите, се особено изложени на онлајн-напади.
Слично на тоа, политичките и религиозните тензии, кои сè уште продолжуваат да го обележуваат културниот и политичкиот живот на нашите општества, исто така се зголемени, дополнително поларизирајќи го општеството.
– Сè додека ставаме фокус на казните, а не на подигањето на свеста и превенцијата, нема да направиме општество што е инкулизвно. Важни се казните, но тоа е последната инстанца, кога нема што повеќе да се преземе. Казните служат да спречат другите да направат такво дело. Кога нешто се случува викаме „Казнувај повеќе“. Меѓутоа, ако вложуваме во превенција, ако работиме со младите од најмала возраст, ако се трудиме да создадеме емпатично општество, нема да имаме кого да казнуваме. Што да правиме сега, кога сме во бура? Се снаоѓаме како умееме. Институциите не знаат да препознаат ни што е говор на омраза, ни дискриминација, ни теории на заговор, а ако не ги препознаат, не можат да ги спречат – вели Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на програма за транспарентност и дигитализација во Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
Според него, мора да го профатиме новото време на технологии, и дека тоа е светот на новите генерации.
– Ако некој од најмал препознава што е добро или лошо, ќе може да препознае и на 30 години. Зрел човек мора да препознава што е што. А никој во земјава не верува во луѓето. Скандинавските земји не се такви какви што се затоа што се најбогати, Америка е многу побогата, на пример. Такви се зашто имаат инклузивно општество. Не сме на дното по нивото верувања во теории на заговор, туку сме на дното на нивото на среќа. На прво место се политичарите, кои не знаат да комуницираат, нивниот говор е полн со омраза, а тоа влијае на возрасните, кои тој наратив потоа го пренесуваат на децата – заклучува Кордалов.
Според извештајот на „БИРН“ во 449 случаи била загрозена слободата на изразување, додека во 309 лица ширеле дезинформации и пропаганда. Прекршување на безбедноста на информациите имало во 138 случаи, додека нарушување на приватноста и личните податоци имало во 109 наврати.