Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, годинава се пријавени 157 граѓани кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која ќе чиноначалствува архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
По завршување на литургијата, во 11:30 часот поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде околу 11:45 часот ќе започне „Водосветот“, а неколку минути по 12 часот, архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар.
На чинот на осветување на водите на реката Вардар и положување на светиот крст ќе присуствуваат и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.