Пратениците што побараа увид во договорот со „Бехтел и Енка“ сѐ уште не го добиле документот, четири дена откако Владата соопшти дека спогодбата ќе биде презентирана пред парламентот во соодветна собраниска процедура. Договорот е класифициран од Владата на барање на американско-турскиот конзорциум.
Увид во договорот бара и Антикорупциска комисија, со што документот не е доставен до нејзините членови што имаат безбедносен сертификат.
Пратениците од опозицијата што поседуваат безбедносен сертификат побараа договорот да им биде даден на увид со цел да знаат како да гласаат за предложените законски измени поврзани со изградбата на автопатските делници.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека би можел да биде свикан уште еден брифинг со новинарите за да бидат разјаснети сите прашања за Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д .
– Веќе имаше брифинг за новинарите со членовите на Управувачкиот комитет, исто така и на министерот за транспорт и врски и на директорот за јавни патишта заедно со консултантите коишто работеа. Се надевам дека таму беа одговорени сите овие прашања. Доколку имате потреба за дополнителни прашања ќе биде свикан уште еден брифинг со цел да бидат разјаснети сите прашања – изјави премиерот по посетата на РЕК „Битола“.
Левица: Законот за работни односи сѐ уште не е на дневен ред поради нашите амандмани
Предлог-законот со кој пратениците на ДУИ и СДСМ предлагаат прекувремена работа на работниците, во случаите кои се од национален и стратегиски интерес (како проектот „Бехтел и Енка“) повторно не е ставен на дневен ред, благодарение на блокадата на Левица, тврдат од опозициската партија.
Од Левица истакнуваат и дека претседателот на собраниската комисија, Елми Азири, потврдил оти нема да ја закаже седницата на Комисијата за работни односи поради блокадата.
Левица поднесе 1.111 амандмани за измените на Законот за работните односи.