Запалени прагови на пруга помеѓу Слепче и Браилово повторно го прекинаа сообраќањето на единствениот воз на релацијата Битола-Прилеп- Велес-Скопје.
Патниците од Велес утрово на Железничката станица во Велес беа разочарани што не можат да се качат на единстевниот воз што доаѓа од Битола преку Прилеп и Велес за Скопје, а кој по возен ред во Велес поаѓа во 5.46 часот.
Како што информираа за МИА од Железничката станица во Велес, причина било запалено стрниште покрај пругата кое се проширило и ги запалило праговите на пругата, поради што железничкиот сообраќај е во прекин. Се работи на повторно оспособување на пругата.
Според информацијата од Центраот за управување со кризи вчера попладне била запалена ниска вегетација по што се запалиле и прагови на пругата помеѓу селата Слепче и Браилово, прилепско. Со брза и ефикасна интервениција на пожарникарите од ТППЕ Прилеп пожарот синоќа бил изгаснат.
Ова е трето онеспособување на пругата на релација кај селото Браилово поради изгорени прагови, и третпат за месец и половина во прекин е возот на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно. Првиот прекин односно илјади изгорени прагови на пругата кај Браилово прилепско имаше на 25 септември, поради што осум дена возот беше во прекин. Во вториот пожар на стрниште на 12 октомври беа зафатени околу 200 прагови на пругата кај Браилово прилепско и исто така неколку дена возот повторно беше во прекин.
Воедно, од 25 октомври со одлука на МЖ Транспорт наместо три сообраќа само еден воз на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно. По денешното повторно горење на прагови на пругата во прилепско сега во прекин е единствениот патнички воз на оваа релација.
Поради негово несообраќање денеска патниците од Велес, во голем број работници, ученици и студенти кои патуваат за Скопје, наместо со битолскиот во 5.46 часот мораа да чекаат 40- тина минути и за Скопје заминаа со возот од Гевгелија кој во Велес поаѓа и дојде навреме во 6.27 минути. Многумина од нив, денеска задоцнија на работа и училиште.