Фото: Игор Бансколиев

Аналитичарите немаат дилеми дека признавањето на МПЦ е директно поврзано со решавањето на спорот за името на државата. Очекуваат дека вака како што заврши референдумот, односно според официјалното соопштение на ДИК дека референдумот не е успешен, таквата состојба ќе ја одложи одлуката на Вселенската патријаршија, но не и дека ќе значи целосно откажување на вселенскиот патријарх од процесот, за кој и самиот најави дека ќе се заложи за решение. Дотолку повеќе што, според нив, и Македонија и МПЦ се дел од еден поширок глобален контекст на настаните што се поврзани со различни политички интереси во Европа

Како и дали неуспешниот референдум што се одржа на 30 септември годинава ќе се одрази врз процесот на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, која само пред неколку месеци ја навести Вселенската патријаршија? Ќе заземе ли МПЦ-ОА конкретен став на претстојниот црковно-народен собор, кој претстојниот викенд ќе се одржи во Калишта? Кој пат ќе го фати сега МПЦ-ОА во новонастанатите околности за да се интензивира решавањето на иницијативата за признавање на нејзината автокефалност од една страна, но истовремено и за зачувување на идентитетот од друга страна?
Ова се клучните дилеми што се отвораат во јавноста, откако спогодбата од Преспа, чие процесирање требаше да се случи преку референдумот, не ја доби посакуваната поддршка од македонските граѓани.
Иницијативата на МПЦ-ОА со писмо да побара признавање на автокефалноста под името Охридска архиепископија дојде токму во периодот кога се создаваше спогодбата со Грција, а и неофицијално се толкуваше дека позитивното расположение кај вселенскиот патријарх за решавање на црковниот статус на МПЦ е во директна корелација со спогодбата што се подготвуваше меѓу Македонија и Грција.

Фото: Игор Бансколиев

Иако владите во Македонија и на Грција спогодбата од Преспа сѐ уште ја сметаат за силен импулс и почеток на значајни перспективи, сепак за процесот што следува, според политичките аналитичари, токму во оваа сензитивна политичка фаза, во која се забави динамиката на исполнување на процедурата за спогодбата да биде полноправна, станува јасно, како што нагласуваат тие, дека никаква одлука нема да има, што се однесува до прогрес на прашањето за автокефалност, сѐ додека и официјално спогодбата со Грција не биде прифатена од двете страни.
Интересно за спомнување е и тоа што на дневниот ред на архијерејскиот црковно-народен собор не е најавено дека ќе се зборува за решавањето на статусот на МПЦ, но не се исклучува можноста претставниците на црквата да изградат некаков заеднички став во контекст на последните политички случувања во земјава.

МПЦ дел од глобалните случувања

Аналитичарите немаат дилеми дека признавањето на МПЦ е директно поврзано со решавањето на спорот за името на државата. Очекуваат дека вака како што заврши референдумот, односно според официјалното соопштение на ДИК дека референдумот не е успешен, таквата состојба ќе ја одложи одлуката на Вселенската патријаршија, но не и дека ќе значи целосно откажување на вселенскиот патријарх од процесот, за кој и самиот најави дека ќе се заложи за решение. Дотолку повеќе што, според нив, и Македонија и МПЦ се дел од еден поширок глобален контекст на настаните што се поврзани со различни политички интереси во Европа. Од друга страна, пак, ваквиот развој на настаните, според аналитичарите, ја става МПЦ во пасивна ситуација на исчекување што ќе се случи со прашањето на името на државата.

– МПЦ треба да има проактивна улога за решавање на нејзиниот статус како автокефална црква. Архијерејскиот црковно-народен собор, кој ќе се случи претстојниот викенд, е добра можност ова прашање да се разгледа и да се донесат јасни и недвосмислени ставови, како да се дојде до посакуваната автокефалност, а притоа да се зачуваат достоинството на црквата и идентитетот на национална црква на македoнскиот народ – посочуваат познавачите.

Меѓу чеканот и наковалната

Верскиот аналитичар и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Мојановски, вели дека целата состојба со решавањето на македонското црковно прашање не може да се стави надвор од контекстот на политичката состојба во земјата.

– Досега немаше никаква канонска пречка за доделување томос за автокефалност за МПЦ-ОА. Но прашањето е зошто по 50 години се испраќа писмо со барање Вселенската патријаршија да го реши овој случај. Секако дека сето тоа е поврзано и со актуелната политичка состојба во Македонија – додава Мојановски.
Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски вели дека по неуспешниот референдум, се отвора можноста Вселенската патријаршија да го изгуби интересот за признавање на МПЦ-ОА во диптихот на православните цркви.

– Неизвесно останува како ќе се постави ВП, бидејќи нејзиниот интерес директно беше врзан со решавањето на спорот за името на државата, кога веќе договорoт со Грција кај нас тешко дека ќе помине – додава Ѓорѓевски.


И ГПЦ поддржува решение

Грчкиот архиепископ Јероним пред членовите на Синодот на Грчката православна црква пред неколку дена изјавил дека ГПЦ ќе се залага за да се реши прашањето за името на нашата држава и поддржува продолжување на процесот. Сепак, Јероним вели дека не може да се прави компромис со идентитетот на Грција.
– Поширокиот балкански регион повторно се претвора во простор на политички ферментации и национални претензии. Нашиот идентитет, нашата историја повторно е предмет на преговори, консултации и компромиси. И покрај сѐ, ние сакаме да помогнеме во напредокот на соседните земји, но сакаме и почит за нашето долго културно грчко христијанско наследство, но за нашиот национален интегритет не може да се преговара – изјавил грчкиот архиепископ.


Што разговарале вселенскиот и српскиот патријарх?

Вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Иринеј отслужија заедничка литургија во Солун, посветена на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна. Литургијата се одржа во црквата „Свети Пантелејмон“, а беше служена на грчки, српски и на црковнословенски јазик. Двајцата поглавари имале и средба на која разговарале за важни прашања, но нема официјални информации дали тие се осврнале и на македонското црковно прашање. Сепак, сосема е извесно дека главната тема на која зборувале Иринеј и Вартоломеј е иницијативата на Вселенската патријаршија да признае автокефална црква во Македонија, на што СПЦ остро се спротивставува. Во таа насока српскиот патријарх Иринеј неодамна испрати и остро писмо до вселенскиот патријарх, во кое го обвини дека се меша во канонската јурисдикција на СПЦ.


Голем црковен настан ќе го обележи претстојниот викенд

Македонската православна црва-Охридска архиепископија претстојниот викенд, односно од 5 до 7 октомври годинава, ќе одржи архиепископски црковно-народен собор во манастирот „Света Богородица“ во Калишта, Струшко, кој се совпаѓа со јубилејот, еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија, што МПЦ-ОА го слави како поврзување на својот континуитет со ОА.
Најавени главни теми на соборот се реорганизација и јакнење на кадровскиот потенцијал на Синодот на МПЦ-ОА, како и потврдување на новите епархиски граници на црквата. Се очекува присуство на сите членови на Синодот на МПЦ, како и присуство на по пет делегации од секоја епархија. На соборот ќе има и претставници што не се дел од свештенството, односно претставници од народот.