Викендов почнува летното сметање на времето
Викендов започнува летното сметање на времето, односно стрелките на часовникот во сабота кон недела од 2 часот ќе се преместат еден час напред и ќе означуваат 3 часот.
Оваа година земјите-членки на Европската Унија, но и земјите-кандидати би требало да се одлучат дали во иднина ќе останат на летно или на зимско сметање на времето бидејќи наскоро се укинува практиката да се поместуваат стрелките на часовникот поради неоправданоста на ваквите промени од економски, но и од здравствен аспект.
Останува Советот на министри на ЕУ да ја потврди предлог-одлуката за прекинување на сезонските промени на времето, откако таа претходно во март 2019 година беше потврдена од Европскиот парламент, но ковид-пандемијата го забави целиот процес.
Во согласност со одлуката, земјите-членки требаше оваа година да донесат одлука на какво сметање на времето ќе останат, односно доколку останат на летно сметање на времето, во тој случај последната промена на сметањето на времето би била последната недела од март 2021 година, а ако се решат за зимско сметање на времето, во тој случај последната промена на сметањето на времето би била последната недела од октомври 2021 г.
Македонија засега не се одлучила на кое време ќе остане во иднина и ќе чека што ќе одлучи ЕУ, а во меѓувреме продолжува со примена на старата директива со летно и зимско сметање на времето во согласност со Законот за сметање на времето.
– Оваа одлука останува во сила сè додека ЕК не ја усвои новата директива што потоа ние би ја примениле. Во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на националното законодавство на Република Северна Македонија со ЕУ-легислативата што се однесува на сметањето на времето и определување начин на транспонирање на горенаведената директива. Истото треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски….) и која треба да се усвои од страна на Владата на Република Северна Македонија – вели во изјава за „Нова Македонија“ владиниот портпарол Душко Арсовски.
Тој додава дека откако ќе биде донесена новата директива, од страна на Европска комисија ќе треба да се изготви анализа и информација до Владата на Република Северна Македонија дали ќе се носат нови предлог-измени на Законот за сметање на времето каде што ќе се транспонира директивата.
И од Бирото за метрологија велат дека ги следат случувањата и дека по усвојувањето на директивата од страна на ЕУ ќе започнат со неопходните активности.
– Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на директивата за прекинување на сезонските промени на времето и им стои на располагање на надлежните институции во поглед на исполнување на директивата – се вели во одговорот од Бирото.
Од друга страна, упатените во астрономските појави сметаат дека Македонија во согласност со географската положба би требало да остане на летното сметање на времето.
– Ние, Македонија, сме на крајот од нашата временска зона. Би било добро сега во март да се помести часовникот еден час нанапред и да се престане со практиката со менување на времето – вели Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво.
Според него, практиката за поместување на зимско и летно сметање на времето почнала да се применува во времето кога јагленот бил главен енергент, а дека сега за такво нешто нема воопшто потреба.
– Тоа е еден многу лош обичај што бил воведен кога јагленот бил главно енергетско средство, па промената на часовникот била воведена поради наводно штедење јаглен. Според мене, дури ни за тоа немало оправдување. Како и да е, треба поширока дискусија по ова прашање, иако лично сметам дека Македонија многу повеќе припаѓа во зоната плус два, отколку плус еден – појаснува Митровиќ.
Дали ЕУ ќе остане на тоа да ги примени препораките во врска со укинувањето на сезонската промена на времето или нешто ќе се промени во таа насока со оглед на ситуацијата со ковид-19, останува да се види во следниот период.