Фото: Игор Бансколиев

Верниците од муслиманска вероисповед денеска го слават Курбан-бајрам, таканаречениот празник на жртвата затоа што се принесува жртва – курбан. Ова е само еден од неколкуте дена во годината што ги поврзуваат граѓаните во државава токму преку нивната различна верска определба.
Инаку, за празникот се испраќаат пораки полни со солидарност, изрази на морална помош и пораки за што поскоро поминување на мачните и тешки денови. Бајрамот е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените. Тоа, според познавачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам, а го одбележува денот кога е комплетиран Светиот куран. Со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз почнува неговата тридневна прослава, во која почитта кон Алах муслиманите ја искажуваат со колење курбан.

Теолозите по исламски науки велат дека ова е еден од двата најголеми муслимански празници, кој трае 7 дена и е таканаречен празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите.
– Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите што отишле да ѝ се поклонат на Светата Ќаба во Мека – објаснуваат теолозите.
Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на исламот, на празникот Курбан-бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник.


Поглаварот на ИВЗ позитивен на ковид-19

Новиот поглавар на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху е позитивен на ковид-19. Тој преку својот фејсбук-профил ги информира неговите следбеници и целата јавност дека овој Курбан-бајрам ќе го помине дома, на домашно лекување, но без никакви проблематични симптоми.
– Грижејќи се за моето семејство, моите соработници, како и за сите верници решив да го направам тестот за ковид-19, кој испадна позитивен. Во моментов сѐ е нормално без никакви проблематични симптоми. Се придржувам до медицинските препораки и сум на домашно лекување. Ова го сметам за искушение од Господ. Апелирам до сите граѓани да внимаваат и да бидат во чекор со препораките на надлежните органи.

Сите тела на ИВЗ се максимално подготвени за празникот. Затоа, во оваа пригода безрезервно им посакувам на сите верници денот на големиот Курбан-бајрам, со молитва на семоќниот Алах да ги прифати во Неговата милост. Господ да ве благослови – напиша поглаварот Фетаху на Фејсбук.
Инаку, неодамна од ковид-19 почина кичевскиот муфтија.
Состојбата со коронавирусот во земјата предизвика контроверзии за минатиот празник Рамазан-бајрам, кога претходниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, токму пред заминување од функцијата, излегувајќи од џамија изјави дека го прогласува коронавирусот за мртов. Сепак, епидемиолозите посочуваат дека традицијата на прослава на овие празници подразбира масовни групирања што е опасност од формирање нови кластери и за таа цел препорачуваат сите да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на ковид-19.

[email protected]