Во Европа и во светот државите различно реагираат на новите предизвици, од целосно затворање и крајно рестриктивни мерки до пофлексибилни и помеки мерки. Дали Македонија треба да ја менува политиката на заштита и има ли државата сценарио како да спречи ново ширење на вирусот, овој пат на неговите мутирани верзии?
Можна ли е нова ескалација на епидемиолошката слика во Македонија, по периодот на стагнација на новозаразени, откако во државата пред неколку дена беше регистриран првиот случај на британската мутација на ковид-19?
Дополнителна опасност е потврдениот случај на јужноафриканската мутација на вирусот во Грција, кој исто така е многу позаразен.
Дали Македонија треба да ја менува политиката на заштита и има ли државата сценарио како да спречи ново ширење на вирусот, овој пат на неговите мутирани верзии? Во Европа и во светот државите различно реагираат на новите предизвици, од целосно затворање на државите до пофлексибилни и помеки мерки.
Овие прашања засега остануваат отворени кај нас, иако голем број европски држави на овие мутации одговараат со нови рестриктивни мерки, иако во многу од тие земји е почнат процесот на вакцинација на населението, што не е случај со Македонија, каде шо сѐ уште е неизвесно кога ќе пристигне вакцината против ковид-19.
Кој е најсоодветниот одговор на овој предизвик и какви сценарија разработуваат надлежните органи?
Според микробиологот Никола Пановски, постои можност за воведување повеќе рестриктивни здравствени мерки, но исто така, посочува и дека прашање е дали стопанството, односно економијата ќе може да ги издржи тие нови мерки.
– Во октомври и во ноември минатата година имавме многу поголем број заболени од сега. Тогаш не се воведоа поголеми рестриктивни мерки, освен на угостителските објекти што им се ограничи времето за работа. Штом тогаш на толку заболени и смртни случаи не се презедоа поголеми мерки, нема ни сега да се направат – објаснува Пановски.
Сепак, смета дека граѓаните во следниот период не треба да се опуштаат.
– Потребно е придржување кон мерките, и тоа многу повеќе зашто новите мутации побрзо се шират. Потоа од пролет ќе видиме како ќе се одвиваат состојбите – додава тој.
Како што мутациите на коронавирусот, како британскиот вид или јужноафриканскиот вид, ја преземаат доминацијата, со оглед на тоа што новите подвидови се шират многу побрзо од досегашната верзија, така земјите бараат начин да одговорат посоодветно на новата закана. Податокот дека новите видови се шират многу побрзо ги принудува здравствените власти да размислуваат за зајакнување на одредени мерки, за да не дојде до нов раст на бројот на заболени.
Франција ги затвори границите за сите патници што не се од ЕУ. Граѓаните на земјите-членки, пак, мора да имаат негативен тест за ковид-19 за влез во земјата. Ќе се затворат и големите трговски центри, а полициските патроли ќе се погрижат сите да се придржуваат кон полицискиот час, кој започнува во 18 часот. Откако беше откриен случај на коронавирус во Перт, главниот град на државата Западна Австралија, властите вовеле петдневна блокада на градот.
Во многу европски земји, како Унгарија, Австрија и Белгија, има ограничувања со карантини, но има и демонстрации поради економските и социјалните последици.
Полицијата во Брисел во неделата уапсила многу луѓе во обид да спречат две забранети демонстрации против мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Сепак, според македонските здравствени власти, препораките за почитување на сите мерки остануваат и натаму.
Досега кај тројца пациенти во земјава е детектиран британскиот вид на коронавирусот.
И покрај првите идентификувани случаи, засега не може да се одреди од кога тој вид е присутен во земјава, со оглед на тоа што во сите лаборатории не се прави секвенционирање што треба да потврди дали лицата заболеле од новата мутација на вирусот. Во МАНУ таа проверка се прави по случаен избор на брисевите за тестирање, кои кај нив стигнуваат од разни болници во земјата.
Министерот Филипче изјави дека е можно новиот вид на коронавирусот да постоел во земјава уште пред неколку недели, а засега имаме три официјално потврдени случаи.
– Откако ќе се земе брис, само во некои случаи се прави секвенционирање на геномот на вирусот, можно е да сме го имале новиот вирус и минатиот месец, но тогаш епидемиолошката слика беше таква што во некои случаи се намалуваше. Можно е евентуално оваа мутација да е присутна во последните повеќе неколку недели кога по падот има едно ниво на израмнување на кривата, но во секој случај она што е многу битно е дека нема влошување, во смисла на зголемување на случаите. Сѐ уште не е исклучена можноста, можно е и тоа да се случи и сме внимателни и затоа и мерките засега остануваат исти – рече Филипче.