Разговараме суштествено и разгледавме повеќе опции, една од опциите е прифатлива за двете страни, следуваат брифирања со сите релевантни политички партии во двете државите и презентирање на можното решение. Ако решението е прифатливо за двете земји, ќе имаме решение, истакна премиерот Заев по средбата со Ципрас

Вчерашниот ден, на кој православните христијани го празнуваа Спасовден, донесе бурна меѓународна дипломатска активност во Македонија и во регионот при што во интервал од само неколку часа се одигруваат важни средби во Софија, но и во Скопје. Првично премиерите на Македонија и на Грција се сретнаа во Софија на маргините на самитот меѓу ЕУ и западен Балкан по што премиерот Заев изјави дека постигнале согласност околу една опција, која е прифатлива за двете страни за веднаш потоа македонската делегација да се врати во Скопје заради посетата на британската премиерка Тереза Меј.
Инаку, прес-конференцијата на Заев во Софија предизвика огромен интерес во јавноста, а за попладневните часови беше најавено и обраќањето на Ципрас пред новинарите.

Македонија и Грција го зајакнуваат пријателството. Со премиерот Ципрас веруваме дека можеме да најдеме решение, кое го штити достоинството на граѓаните во двете држави, напиша на Фејсбук некаде напладне премиерот Зоран Заев, пред средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас. По средбата Заев излезе со повеќе детали во врска со разговорите, неоткривајќи докрај што всушност е договорено и околу која опција постигнале согласност.
– Разговараме суштествено и разгледавме повеќе опции, една од опциите е прифатлива за двете страни ако е можно ќе имаме решение. По сѐ што беше постигнато констатиравме дека стоиме зад тоа и добро е што е завршено, а за тоа што е останато да се решава, утврдивме една опција, која може да биде прифатена. Ако решението е прифатливо за двете страни во земјите, ќе имаме решение – рече Заев. Премиерот рече дека следуваат брифирања со сите релевантни политички партии во двете државите и презентирање на можното решение, а доколку не дојде до истото тоа, останува да се преговара до есен. Според Заев, заробената држава и спорот за името биле тегоби во државата, со кои денеска успешно се справува владата.

Но она што несомнено го очекуваат, посакуваат и од што не отстапуваат македонските граѓани како единствена прифатлива опција е токму уставното име – Република Македонија

– Маркон и Меркел даваат поддршка за зајакнување на односите на Македонија и Европската Унија. Сите ни ја даваат безрезервната поддршка и ни даваат признание за постигнатото. Членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции и правна држава, како и зголемен економски развој – рече Заев, кој додаде дека проширувањето на Унијата и обезбедување на нашето столче таму е реалност што е на дофат.
Од друга страна, изјавата на грчкиот премиер Ципрас во однос на средбата со Заев беше најавена за подоцна во денот. До затворањето на весникот сепак не беа соопштени грчките ставови, но пред состанокот со Заев Ципрас на Твитер напиша дека им кажал на европските социјалисти дека се направени значајни чекори во однос на проблемот за името, но дека „има важни чекори што треба да ги преземеме пред да можеме да постигнеме решение“.

Паралелно на ова европските политичари во текот на изминатиот ден речиси без исклучок поединечно и сите заеднo силно го поддржаа решавањето на проблемот, за да се одблокираат евроатлантските интеграции на Македонија.
Поддршка за решавање на спорот најпрво пристигна од францускиот претседател Емануел Макрон, кој на средбата, на премиерот Заев му рекол дека Македонија и Грција преземаат историска улога со нивната посветеност околу решавањето на спорот и дека решавањето на проблемот е сериозно позитивно наследство за Македонија.
За спорот за името вчера беше разговарано и на билатерална меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев на која било заклучено дека успешната приказна на Македонија треба да продолжи, соопштија од владината прес-служба.
Пред почетокот на официјалниот работен ден на самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, премиерот Заев исто така се сретна со премиерот на Естонија, Јури Ратас и со белгискиот премиер, Шарл Мишел.

На двете средби, со естонскиот и со белгискиот премиер, Заев ги запозна своите колеги со актуелниот политички миг во земјата и за текот на разговорите за прашањето со проблемот што Република Грција го има со уставното име на нашата земја. Премиерот Заев побара поддршка од Естонија и Белгија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет на ЕУ, и истакна дека очекуваниот датум за преговори за Македонија ќе превенира стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот и ќе го поттикне инволвирањето на трети страни во регионот.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера енигматично ги дефинираше своите очекувања.
– Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни – рече тој. Во исто време комесарот за проширување Јоханес Хан истакна дека е направен „значителен напредок во преговорите“ и оти е многу сигурен дека решение е можно.

– Простор за такво нешто сепак има до почетокот на јуни. Во случај на позитивен исход, Европскиот совет ќе даде зелено светло за одредување датум за почеток на преговори со земјата – рече Хан. Тој на новинарско прашање што ќе се случи доколку не се најде решение за името до јуни, одби да говори за алтернативи, или можен план Б доколку компромис сепак не се постигне.
Кон хорот со поддршка кон двете земји се приклучија и бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.
– Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот за името – рече Борисов, дополнувајќи дека таа надеж не значи и мешање во внатрешните работи на двете земји.

Инаку, самитот, што вчера се одржа во Софија е најголемиот настан што го организира Бугарија како актуелен претседавач на Унијата, кој како еден од приоритетите си го постави враќањето на Западен Балкан високо на агендата на Унијата. Лидерите на земјите-учеснички на самитот на ЕУ за Западен Балкан се очекува да ја усвојат Софиската декларацијата за Западен Балкан на ЕУ, како и Софиската агенда на приоритети, која содржи конкретни проекти, кои ќе бидат поддржани од ЕУ за да се исполнат предвидените цели од декларацијата насочени кон зајакнување на владеењето на правото и демократските институции во земјите на Западен Балкан, борбата против организираниот криминал, доброто владеење и почитувањето на правата на малцинските заедници, како и на зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот и на регионот со ЕУ.


Ципрас: Уште не сме во позиција да говориме за договор

Верувам дека имаме поминато голем дел од патот, но има уште пат да се помине, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес-конференцијата во Софија и додаде дека сѐ уште не сме во позиција да говориме за договор.
– Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Сѐ уште не сме во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори, за ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец – рече Ципрас.
Грчкиот премиер откри дека вчера доцна вечерта до речиси раните утрински часови разговарал со неговиот македонски колега во пријателска и опуштена клима – јави дописничката на МИА од Атина.