Основниот суд Скопје 2 донесе решение со кое ја прекина постапката за отворање стечај на компанијата Производство на топлина Балкан енерџи од Скопје, информираат од компанијата.

– Во образложението на решението на надлежниот суд стои дека ваквата одлука е донесена откако до Судот се доставени докази дека компанијата ги има подмирено сите финансиски обврски и оти нејзините банкарски сметки не се блокирани. Со ова Судот констатира дека престанува работата и на претходно назначениот привремен стечаен управник. На ваквото решение на Судот не е предвидена можност за жалба од страна на подносителите на предлогот за отворање стечајна постапка – соопшти компанијата.

Со ваквиот епилог, се нагласува во соопштението, отстранети се сите формалности, по што Производство на топлина Балкан енерџи продолжува со интензивните подготовки и ремонтни активности на постојките за претстојната грејна сезона, за нејзин успешен старт во законски предвидените рокови.