Фото: Игор Бансколиев

Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија

Дневник по 40 години (6)

Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминале шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, обете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров, чиишто дневнички записи тогаш ги објави списанието „Современост“. Го преобјавуваме овој дневник по цели 40 години, верувајќи дека ќе им го привлече вниманието на читателите

Пишува: Ристо Лазаров

Среда, 20 октомври 1982 година

Пред поаѓањето од Петрич, една од собарките во хотелот ме распрашува дали познавам некого во Штип. Испраќа поздрави за директорот на гимназијата во којашто учев, Александар Аговски. Одамна не сум го видел. Го паметам по добрини. А поздравот од роднините ќе му биде испорачан, секако.
Жоро во Петрич има уште една обврска, од човештина создадена: гробот на татко му и на дедо му.
Во Мелник сме. Град-музеј во долината на Мелничка Река. На музеј, по прекрасната древна архитектура навистина и изгледа. А на град? Околу четиристотини луѓе живеат денес во Мелник. Каде се луѓето? Велат дека при налетот на некаква непозната болештина што го уништила поголемиот дел од прочуените мелнички лозја, луѓето се иселиле одовде. А каде, каде? Останале само импресивните песочни пирамиди, ентериер како нарачан за американските вестерн-филмови. И името останало. И името на виното. И вкусот негов, благословен.
Најголемиот дел од градот се реставрира, се преуредува. За потребите на туризмот. За благосостојба на винопијците. Градот веќе како и онака да е опијанет. Од вечност. Како и сите комитски гнезда во пазувите на Пирин.
Мислата ни ита кон Роженскиот манастир, кон војводата. Патем, случајна средба со Илија. Селанец од ближните села. Пред поштата во Мелник. Низ отворениот прозорец на автомобилот до него допреле звуците на песните на октетот „Македонија“. Излезе од куќата врз чие реставрирање работеше. Срамежливо се вртка околу автомобилот. Прашува, најпосле, може ли да ја купи касетата. Нема многу пари. Ама мерак има. Голем. Нашински. Затоа и ги слуша сите нашински песни на програмата на Радио Скопје. Илија, средовечен нашинец од околината на Мелник. Sидар. Од песните спомени си ѕида. Незаборав. Нека му е алал касетата. А за пари – другпат. Песните и онака нема многу да те развеселат, Илија. Судбата таква ни била. И во песните.
На излезот од градот, на патот кон Роженскиот манастир – тој: Пиринскиот Цар излеан во бронза. Загледан во далечините. Пирин му го чува грбот.

Најпосле, манастирот. Под него црквата „Свети Кирил и Методиј“. Гроб. Еден од недобројните македонски гробови. Меѓници на нашата историја, сведоци на судбината наша. На мермерната плоча: Јане Сандански. Добар ден, војводо! Ги слушаш ли пиринските стада? Те крепи ли воздухот пирински? Ги слушаш ли приказните на пиринскиот гороцвет? На број ли ти се патроните, војводо? Те држи ли уште меракот: за виното мелничко и лутата солунска ракија? Прашања и само прашања. Лапавица од прашања. Наврнати сме, однатре. Поклон пред Пиринскиот Цар. Црвена ружа на гробот, тукушто распупена. Секој има нешто да му каже на војводата. Ги гледам сите, колку се задумани. Молчиме ние. Молчи војводата. И си кажуваме сѐ. Ајде да молчиме! Да му пркосиме на времето. Вечноста да не ја повредиме, негова, на војводата. И мечтата негова, соколите пирински што ја носат во погледот. Почуј војводо: „Колку сме, толку сме, токму сме!“. Тоа Славко Нинов те поздравува, со стиховите на Гане Тодоровски. Не лути се што гласот му трепери. Та, глас е тоа, не берданка.
Манастирот. Шест века ги собира и ги чува во себе тајните пирински, комитски. Одајата на Пиринскиот Цар во манастирот. Постелата негова. Одајата на сестра му. Тука заслон наоѓал и Димо Хаџи Димов. И четата на војводата. Крцкаат широките манастирски чардаци. Како да офкаат при спомнувањето на името Јанево. Внимателно ја слушаме приказната на девојката, официјален туристички водич. Вели прво: деветстотини и првата Јане ја организира најкрупната акција на македонската левица, грабнувањето на Мис Стон. А потоа: деветстотини и деветтата (,,дојде време на уриетот“) како прв б‘лгарски полководач влегува во Цариград. За осум години, разлики. А војводата го нема веќе шеесетина години. Што ли ќе говорат за него туристичките водичи по шеесетина години? Како ли ги поднесува тој ваквите приказни? Збунет си. Ништо не ти е јасно. А јасно ти е, всушност. Сѐ ти е јасно. Собирај во себе. Војводо, ајде да молчиме!

Пак се спуштаме кон гробот. Одминуваме седум суви јавори. Без гранки: како татковци без деца. Како комити без патрони. Како војвода без чета. Мора да биле убави, мора да му чувале широка сенка на војводата.
Останавме на гробот уште три-четворица. Бошко Нацевски носи една тегла од седум-осум литри, вино. Рујно. Поздрав за војводата. Земјата да му е лесна. Славата да му е вечна. И името. И мечтата. И сите песни негови. И сите песни за него. Час по молчење. Го чекаме залезот. Зошто нема крст на гробот на војводата? Почуј, војводо! Тоа ние пееме. Ти и Гоце во нашите песна. И Пирин. И Македонија. Сите рани нејзини. Има ли мера со која може да се измери болот? Има ли мера со која може да се измери неспокојот? Има, мора да има. Само, се крие. На најскришното место: во нас се крие. Во гробовите наши.
Натажен чекорот во тивкото октомвриско зајдисонце во полите на Пирин. Довидување, војводо…
Вечерта молкот се извишува во песна. Музиката во хотелот свири македонски песни: „Никнало цвеќе шарено“, „Фати се Доне мори на оро“. Нашински пеат музикантите. Без „обработки“ какви што овде често се прават. Сите се на оро. Имаат весел ороводец, Анче Џамбазова. Потскокнува ќеифлиски, нека ѝ е алал леснотијата во чекорот.
Виното е убаво, ама што ти вреди кога се точи само до фајронт, а тоа во овдешни прилики значи – еден час пред полноќ.

(Продолжува)