Возобновување на Охридската архиепископија

Глаголење на христијанин од Македонија (2)

Првото заседание на македонските делегати на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) се одржа во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, на 2 житар/август 1944 година. Заседанието го отвори најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров, велешанец. На заседанието бил избран Президиум, за претседател Методија Андонов-Ченто и за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков. Македонскиот народ создал своја држава на Балканот. Манастирот „Свети Прохор Пчињски“ неправедно ѝ припаѓа на Република Србија од 1945 година во федерална Југославија. Првиот црковно-народен собор, на 14 цутар/март 1945 година, е одржан во Скопје, со учество на над 300 делегати свештеници и мирјани и поздравен од претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто. Соборот донел резолуција да се возобнови Охридската архиепископија како самостојна Македонска црква. Првиот изборен архиепископски собир се одржал во Охрид, на кој за прв архиепископ бил избран г. г. Доситеј, од 4 до 5 листопад/октомври 1958 година. Во 1967 година беше отворена Богословија, а во 1977 година Богословскиот факултет. Поглаварот Ангелариј (1981 – 1986) бил член на Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква и учествувал во првиот црковно-народниот собир во Скопје (1945 година). Поглаварот Гаврил (1986 – 1993) го превел Светото писмо (Библијата) на современ македонски јазик.
Поглаварот Михаил (1993 – 1999) бил декан на Богословскиот факултет архипастир со Светиклиментов самопрегор. Поглаварот Стефан (1999 година) завршил постдипломски студии во Бари, Италија.
Во мојот живот имав посебна можност и чест да бидам личен пријател со поглаварите: дедо Гаврил, дедо Михаил и дедо Стефан. Исто така пријател сум со секретарот протоѓакон Александар Цандовски, кој им служеше на сите поглавари на нашата црква. Тој беше литургиски тенор слушан и од папата Јован Павле Втори. Протоѓаконот пред нашите верници дома и во странство ја исполнуваше Литургијата од Јован Златоуст. Атанас Бадев, прилепчанец, бил ученик на Николај Римски-Корсаков на Петроградскиот конзерваториум. Бадев, роден во 1860 година, е композитор на Златоустовата литургија, печатена во Лајпциг, во 1898 година. Протоѓаконот Александар Цандовски ова ми го раскажа кога бевме во Берлин, во 1966 година.

Исклучително важна нова историска страница на македонскиот правоверен православен народ во Македонија – чинот на возобновување на Охридската архиепископија во Охрид, XX век.
Еден од петте историски црковни лица, митрополитот Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 златец/јули 1934 година, во селото Царев Двор, Преспа. Неговите предци повеќе од 300 години ќе им се посветат на Македонската црква и на македонскиот народ, 32 свои потомци во свештенички чин. Преспа е позната во минатото на духовно подвижништво на православието. На 17 златец/јули 1967 година, Светиот архијерејски синод на МПЦ, во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, донесе одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Одлуката е потпишана од архиепископот г. г. Доситеј и митрополитите: г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил. Првата посета на северноамериканскиот континент како архиѓакон Кирил, во придружба на архиепископ Доситеј, е остварена во 1965 година. Австралискиот континент во својство на надлежен епархиски архијереј заедно со протоѓаконот Александар Цандовски првпат го посетува во 1969 година. Митрополитот Кирил е надлежен на Американско-канадско-австралиската епархија. Првата црква „Св. Ѓорѓи“ на нашите сонародници е изградена во Мелбурн, странство, во 1960 година. Нејзин прв претседател на одборот е Ристо Алтин. Ристо Алтин го запознав во житар/август 1990 година во Скопје. Тој по потекло е од Лерин (Флорина), Македонија, Грција.

Со насловот „Вистината за Прохор Пчињски“ ракописот првично го објавив во април-мај 1990 година, како фељтон во весникот „Нова Македонија“, а потоа како книга промовирана на 11 житар/август 1990 година, во чест на великиот црковно-народен собир, кога се отворија портите на новиот божји дом – Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Книгата стана книжевно богатство на библиотеката „Сведоштва“ на издавачката куќа на „Нова Македонија“. Тие денови на прославата дојдоа Македонци од САД, Канада, Австралија и од европските држави. Меѓу нив беше Ристо Алтин од Мелбурн. Група интелектуалци ја посетивме Австралија во коложег/јануари 1991 година. Месец исполнет со црковни празници и домашни слави што ги слават Македонците во „втората“ татковина Австралија. Тие денови се сретнав со свештеникот поп Агатангел во нашата црква, сега великодостојник митрополит Агатангел. Тој беше старешина на црквата „Св. Никола“ во Мелбурн. Таму се дружев со писателот академик Божин Павловски. Тој го издава весникот „Денес“ и во таа пригода дадов мегаинтервју за состојбите во Република Македонија и односите со соседите. Еднодневна прошетка имавме на планината Македонска Планина. Божин ми раскажа како планината го добила името. Од неа, поглед се вперува во пристаништето „Александар“. Македонците, постарите и помладите генерации, ја негуваат православната молитва, живеат црковен живот и секогаш тлее во нивните души „незаборав на старата татковина Македонија“.

(продолжува)