ПО РАЗГОВОРИТЕ НА РЕЛАЦИЈАТА ЗАЕВ – ГАШИ ЗА НОВО ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО

Партијата Алтернатива ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство, одлучи Цeнтралниот совет, највисокото тело на партијата. Алтернатива ќе добие три министерски места, министер за здравство, за информатичко општество и администрација и министер за дијаспора. Партијата ќе има и три заменик-министри, во Министерството за култура, во Министерството за образование и наука, а и во трет ресор што треба да се прецизира дополнително, иако разговарале тоа да биде за Министерството за земјоделството. Кадар на Алтернатива ќе ги води и МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Агенцијата за странски инвестиции, „Железници – транспорт“, тетовската болница и други.
На заедничката прес-конференција помеѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и Арик Гаши од Алтернатива, двајцата лидери потврдија дека Алтернатива станува дел од Владата и порачаа дека парламентарното мнозинство останува стабилно до 2024 година, со амбиции да продолжи и понатаму.
Заев истакна дека главната цел е да се почнат преговори со Европската Унија и да се изнајде решение на проблемот со Бугарија.
– Се здруживме бидејќи во овие моменти најважно е функционирањето на институциите во полн капацитет. Вредноста на овој договор е справување со предизвиците. Најважно е функционирањето на институциите и јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е важно во време на предизвици дома и на глобален план. Постигнатиот договор е дека имаме мнозинство што ќе работи на решение за предизвиците, како што е почеток на преговорите со ЕУ, како и справување со ковид-19 пандемијата. Сите коалициски партнери сме согласни дека на Северна Македонија ѝ е потребна влада што испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е потребен евроатлантски курс на дејствување – нагласи Заев.
Африм Гаши, пак, изјави дека одлуката на Алтернатива не била лесна, но вели дека сите клучни фактори што биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи кон парламентарното мнозинство и Владата.

– Дел од парламентарното мнозинство ќе бидат 64 пратеници и тие ќе работаат за излез од здравствената, економската и од енергетската криза што ја чувствуваме. Алтернатива помина низ многу тежок период, беше исправена пред предизвиците дали да остане таму каде што е или да продолжи во нешто ново. Не беше лесно да донесеме ваква одлука, но поголемиот дел од аргументите беа кон тоа Алтернатива да се определи кон патот по кој од викендов тргна. Во текот на преговорите се засновавме на два столба – првиот е програмскиот дел, а вториот е во однос на преземањето на одговорностите на Алтернатива во извршната власт – објасни Гаши.
Тој додаде дека нивниот главен предизвик е државата да добие датум за преговорите.
– Владата ќе ги мобилизира сите државни капацитети за отворање преговори со ЕУ. Владата ќе достави службено барање до Европската комисија за независни експерти за сомнителни судски процеси. Нов закон за рамномерен регионален развој и развој на Липковскиот Регион. Политики за промоција за права и интерес на сите заедници во земјава и интересите на семејствата. Ќе се анализираат законите за борба против криминалот и корупцијата, Законот за извршување да биде во интерес на граѓаните, како и процес на изградба на национална стратегија за развој на образованието – соопшти Гаши.