Во современата сесловенска и пошироко европска духовност, цивилизација и култура сè понагласено се истакнуваат споменот и славата за Св. Константин-Кирил и Методиј како личности од минатото со натчовечка дарба и моќ, кои оставиле култна меморија со богоугоден чин на светители просветители. Особено нивниот европски покровителски статус го заслужуваат како протагонисти на сехристијанската екуменска идеја, но и на хуманистичките пораки за еднаквоста на народите, културите и на јазиците во современата глобализација. За нас, Македонците, е мошне значајно што токму споменот и славата за овие рамноапостоли и сесловенски просветители проникнале изворно од етногеографскиот простор на Македонија. Но уште поважно е и тоа што токму врз изворните словенски цивилизациски вредности афирмирани од Св. Кирил и Методиј се втемелил и континуитетот на македонскиот духовен и културноисториски идентитет – како посебен колективитет: со словенска национална свест, традиција, јазик и култура. Секако, натаму воспоставуван и афирмиран од делото на најистакнатите Кирилометодиеви ученици и нивни доследни следбеници Св. Климент и Наум Охридски, како и од нив формираната и развивана Охридска духовна и книжевна школа.
Кога ќе се проследуваат воспоставувањето и афирмацијата на споменот и славата за Св. Кирил и Методиј секогаш треба да се има предвид мошне важниот историски фактор, а тоа е дека мисионерската дејност на Св. Кирил и Методиј не ги исполнила докрај политичките, црковните и културолошките очекувања на византискиот Константинопол и на папата во Рим. Токму од тие причини, во тој контекст на времето, еднакво и од двата главни христијански центри не се сметале како одлучувачки настаните поврзувани со нивната дејност за развојот на новата историска епоха. Затоа и овие рамноапостоли и сесловенски просветители како важни историски личности не се запишале во содржините на средновековните византиски историско-летописни, хронографски и друг вид напишани документации. Следствено со тоа, го објаснуваме и отсуството на светителскиот спомен и слава за нив во црковно-календарските месецослови за празнување во раната источновизантиска и римолатинската литургија и богослужење. Всушност, втемелувањето на светителскиот култ за Св. Кирил и Методиј во сите форми на манифестирање и на афирмација се случило подоцна во Охридската духовна и книжевна школа, поттикнато пред сè од изворната кирилометодиевска дејност на Св. Климент Охридски, како и од развиениот светителски култ кон него по смртта во 916 година во Охрид. Токму без улогата и придонесите на Св. Климент и на формираната од него Охридска духовна и книжевна школа во Македонија, последователниот цивилизациски тек активиран од дејноста на Св. Кирил и Методиј ќе бил принуден да се пролонгира и да сочека нови историски околности, во некои идни времиња, за да се афирмира третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската. Затоа и не претставува каква и да е претенциозност кога се истакнува дека во Македонија Св. Климент Охридски ги пресретнал поразителните последици од настанатите сложени црковно-политички околности што следувале по смртта на Св. Методиј во 855 година и по протерувањето на Кирилометодиевите ученици од мисионерството во Моравија – а притоа, тој оневозможил да се притемнат во заборавот споменот и славата за кирилометодиевското рамноапостолско и сесловенско просветителско дело. Впрочем, и не е случајно што изворното проникнување на Св. Кирил и Методиј доминантно е присутно во македонската духовна, народна и културноисториска традиција.
Дури и раѓањето на светите браќа се поврзува со етногеографскиот простор на Македонија, зашто се родиле во македонскиот град Солун – вториот административен и културен византиски центар по Константинопол. Потемелните истражувања на процесите во тој период покажуваат дека веројатно тие биле потомци на старото домородно население од просторот на Македонија, кое по речиси тривековната словено-домородна народна симбиоза знаело словенски јазик и веќе живеело сродно со Словените и со другите народи во Византија. Затоа и византискиот Двор ги користел нив како посредници за да ја придобие политичката и духовната лојалност на Словените, а со цел да ги интегрира во глобалниот византиски и христијански свет. Тоа дури и култно-легендарно се потврдува во глава 5 од Житието за Св. Методиј, каде што не било случајно што се запишало дека при предавањето на должноста да раководи со Моравската словенска мисија византискиот император Михаил III му се обратил на Св. Кирил: „Друг не може да го направи ова, освен тебе. Затоа, еве ти многу дарови и земи го брата ти, игуменот Методиј, па оди! Оти вие сте солуњани, а сите солуњани чисто словенски зборуваат“. Но во поширокиот историски и цивилизациски контекст треба секогаш да се има предвид дека: Св. Кирил и Методиј се пред сè, и над сè, византиски мисионери – израснати од Македонија во високиот слој на византиската општествена хиерархија, реализатори на афирмацијата на словенската духовна и културна традиција, т.е. тие биле сесловенски просветители во функција на византиските, а подоцна на римопапските или и на екуменските црковнополитички интереси. Кирилометодиевското дело и нивната традиција имаат универзални вредности во современата глобализација, па, следствено, ниедна современа национална култура нема право да ги присвојува општите цивилизациски достигнувања како романтичарски национални припадности.
Првобитното изворно поврзување на споменот и славата за Св. Константин-Кирил и Методиј со Македонија потекнува уште од нивниот предмисионерски период. Имено, во историската и во легендарната меморија се зачувал споменот за Стримонската склавинија, каде што меѓу 845 и 855 година била организирана византиската Словенска архонтија (кнежество) во брегалничко-струмичкиот крај од Македонија. Со неа бил назначен да раководи Св. Методиј Солунски, во својство на словенски архонт – кој требало да ги спречува бугарските воени навлегувања преку границата на Византија. За да ја одржува под контрола лојалноста на тамошното словенско население кон византиските стратегиски интереси, му бил испратен на помош и Св. Константин-Кирил Филозоф.
Таму и тогаш за првпат двајцата браќа Солуњани заедно ја активирале мобилноста на словенскиот фактор, а се претпоставува и дека во 855 година ја почнале т.н. Брегалничка мисија. Се смета дека тогаш тие го направиле првиот историски обид за организирано ширење на христијанството меѓу непокрстеното словенско население, обидувајќи се да му го доближат на, за нив, разбирлив словеномакедонски јазик. Некои истражувачи дури сметаат дека светите браќа таму ја афирмирале и идејата за некакво устројство на словенското писмо. Но згаснувањето на Методиевото словенско кнежество и неговото завојување од ханска Бугарија во 855 година историски пресудиле да остане недореализиран евентуалниот прв обид за активирање на словенското просветителство во функција на византиските политички и црковни интереси. Сознанијата за книжевно-правното дело „Закон за судење на луѓето“ составено од Св. Методиј на словеномакедонски јазик, но со византискогрчко писмо, сведочат за првичното историско проникнување на словенското просветителство токму на просторот на Македонија.
Особено треба да се има предвид дека ваквото цивилизациско сведоштво е зачувано и во народната меморија на македонското население од југоисточна Македонија, каде што за овој историски настан сѐ уште се прераскажуваат легенди и преданија. Така, во народната традиција е зачувано преданието за настанувањето на селото Моноспитово кај Струмица, што се поврзува со периодот кога Св. Методиј управувал во тој крај од Македонија во средината на IX век и кога за свој ученик го избрал Св. Климент Охридски. Дури во преданието легендарно се наведува дека Св. Климент бил роден во селото Долни Липовик кај Радовиш. Исто така во друго народно предание легендарно се поврзува изградбата на манастирскиот храм во селото Вељуса кај Струмица дека го изградиле учениците на Св. Константин-Кирил и Методиј, со напомена дека цели 10 години Св. Методиј го проповедал словенското слово по течението на Бела Река – а чијшто долен дел од течението на реката се нарекувал Водочница. Во поново време беше евидентирано уште едно предание од Струмичко поврзано со проповедно-просветителската дејност на Св. Константин-Кирил. Станува збор за преданието поврзано со истата Бела Река што тече по југоисточниот дел на Струмичката Котлина. Нејзиното течение има три називи: во горниот дел – од изворот до селото Попчево се нарекува Бела Река, во атарот на селото Водоча се нарекува Водочница, а од пред градот Струмица до нејзиниот слив во Стара Река позната како Струмешница локалното население на селата Сачево, Дабиља, Робово и Муртино ја нарекуваат Кирчовица. Легендарното преименување на хидронимот во Кирчовица директно се поврзува со името на Св. Константин-Кирил. Имено, народното раскажување сведочи дека во периодот кога Св. Методиј управувал со струмичката област неговиот брат Св. Кирил со своите ученици одел по бреговите на долниот тек на Бела Река и ги покрстувал рибарите во бистрите и длабоки води на реката. Во знак на сеќавање и почит кон овој свет човек, христијанизираното македонско население го преименувало овој дел од течението на реката по неговото име Кирил во Кирчовица. Дури и атарот на земјиштето во тој крај од Струмичко и денес катастарски се заведува под место викано Кѝрчовица, или Кѝрчевица. Наведениве записи од локалните преданија го потврдуваат присуството на словенските просветители Св. Кирил и Методиј зачувано во народната меморија на населението од струмичкиот крај. Индиректно тоа го поткрепува и историско-легендарното сведоштво за нивната евентуална мисионерска дејност во Стримонската словенска архонтија – во науката толкувана и како Брегалничко-струмичко кнежество на Св. Методиј од периодот меѓу 845 и 855 година. Во истражувањата се евидентира уште едно народно предание од областа Пијане, што се поврзува со Методиевото словенско кнежество.
Во месноста Света Вода, меѓу селата Тработивиште и Разловци кај Делчево, постоела испосничка ќелија, каде што повремено се подвизувале Св. Константин-Кирил и Методиј пред да заминат на мисионерските должности. Легендата раскажува уште и за почетната просветителска и книжевна дејност на Св. Кирил во тоа место, при што тој преведувал црковни книги од грчки на словенски јазик. Пред неколку децении во наведенава месност беа откопани остатоци од стар објект за кој археолозите изразуваат сомневање дека би можело да станува збор за испосницата на словенските просветители што се споменува во легендата. Впечатливо е да напоменеме дека единствено во Македонија се задржале народниот спомен и слава за сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, а во другите немакедонски народни традиции не се евидентираат такви случаи.
Со просторот на Македонија се поврзуваат и подготовките за сесловенското просветителско дело на Св. Константин-Кирил и Методиј, пред да заминат како мисионери во т.н. Моравска мисија меѓу 863 и 885 година. Веќе и од најеминентните палеослависти научно е потврдено дека кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик се извршила врз основа на македонските словенски говори од околината на Солун, а според нивниот гласовен систем се устроило и првото словенско фонетско писмо – глаголицата. Но покрај тоа што кодифицираниот старословенски јазик проникнал од изворот на македонската народна словенојазична основа, натамошниот негов развој почнал да се прифаќа како општословенски – богослужбено и книжевно кодифициран јазик. Затоа и функционално тој бил приспособен на општословенската јазична основа, но и на служењето на трансмисијата на верските евенгелски пораки и преданија со кои словенските народи требало да се христијанизираат и да се приклучат во глобалните цивилизациски процеси во Европа. Тоа станало и историски предуслов уште на почетокот во втората половина на IX и натаму старословенскиот јазик да не се прифаќал како туѓ јазик во сите словенски средини. Ваквата позиција на старословенскиот јазик му била обезбедена поради интеркултурниот модел на кодификацијата, која била поткрепена со идеологијата и со хиерархијата на богослужбен и на книжевен јазик. Првенствено треба да се има предвид културолошката мисија на кодифицираниот старословенски јазик, како јазик посредник – рамноправен со византискогрчкиот и со римолатинскиот, но истовремено и како продолжено искуство на други сакрални јазици: класичнохебрејскиот, коптскиот, ерменскиот, готскиот, па и класичнохеленскиот.
При мисионерските подготовки во Македонија кога се устроило првото словенско писмо – глаголицата и кога се кодифицирал старословенскиот богослужбен и книжевен јазик, се создале услови веднаш да се почне со преведување од византискогрчки на старословенски јазик на нужните црковни богослужбени книги, а се напишале и првите оригинални словенски творби. Токму подготовките за словенската просветителска мисија го активирале црковниот и културолошки процес на словенско богослужење, книжевно создавање и на словенско преведување. Во натамошниот историски и цивилизациски развоен контекст политичката поставеност на Моравската мисија ѝ приопштила чисто византиско-моравска партиципација на меѓусебни стратешки интереси. Но христијанската идејна и културна просветителска поставеност ја направила Мисијата респективно словенска, со јасна македонско-моравска цивилизациска акомодација.
По прогонувањето на Кирилометодиевите ученици од Моравија во 885 година, дошло до враќање на основните идеи на Мисијата назад кон нејзините просветителски извори: Македонија. Имено, во тој период поголемиот дел од Македонија бил завладеан од ханска Бугарија, каде што богослужењето на христијанството и писменоста се одвивале на византискогрчки јазик – а црковниот живот бил управуван од несловенското византиско архијерејство и свештенство. Ваквата затекната ситуација директно влијаела дури и при политичкото активирање на словенскиот фактор од страна на бугарскиот владетел Симеон во 893 година да се оневозможи спроведувањето на изворните словенски просветителски идеи од Моравската мисија и во ханска Бугарија. За Св. Климент и Наум биле неприфатливи отстапувањата од основните кирилометодиевски просветителски идеи во новоформираниот Преславски духовен и културен центар. Затоа се изолирале во Македонија, т.е. во Климентовата словенска епархија, формирајќи ја Охридската духовна и книжевна школа наспроти Преславскиот центар – а притоа таму продолжувајќи ја примената на изворните идеи од кирилометодиевското сесловенско мисионерство и на глаголицата во писмената практика. Токму и тогаш се реализирал историскиот процес на дисперзија меѓу средновековната бугарска и македонска духовна и писмена традиција, натаму секоја за себе развивајќи ги посебните културноисториски идентитети: македонскиот наспрема бугарскиот. Следувала забрзаната афирмација на Светиклиментовата охридска духовна и книжевна школа, продолжувајќи ги изворните идеи за развој на сесловенското просветителство прокламирани во Кирилометодиевото епохално дело. Тоа значително придонело за престижниот статус на Светиклиментовото дело и надвор од Македонија во преостанатиот словенски духовен и културен свет, што го подредило како периферен статусот на Преславскиот центар – а по нецел век на траење го предизвикало неговото исчезнување од духовната и културната сцена на Балканот.
Уште додека бил жив Св. Климент Охридски почнал да ги застапува во богослужбениот календар славите и спомените за Св. Константин-Кирил и Методиј, составил за нив пригодни житијни, химнографски и поучно-пофални ораторско-реторички состави според вообичаените обрасци на византиските книжевнотворечки искуства, како и според упатствата на важечкиот црковен типик. По смртта на Св. Климент, неговата светителска слава и спомен станале дополнителен поттик и за ново посредно напластување на светителскиот култ за Св. Константин-Кирил и Методиј. За тоа сведочат заедничките одбележувања на нивните поединечни светителски спомени во богослужбената практика и во духовниот живот по храмовите на Охридската словенска диецеза. Така на пример, во месецословот на најстариот зачуван глаголички писмен споменик од крајот на X век „Асемановото евангелие“, под датумите на блажените им упокојувања се наведени нивните светителски спомени за богослужење. Во тој прилог се и најстарите зачувани насликани портрети на Св. Константин-Кирил и Методиј, а покрај нив уште и на Св. Климент Охридски, во фрескосликарскиот ансамбл на црквата „Св. Софија“ во Охрид од околу 1045 година, како и на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново во Преспа од 1191 година. Токму улогата и значењето на дејноста и на светителскиот култ на Св. Климент Охридски биле одлучувачки за да се реактивираат светителската слава и споменот за Св. Кирил и Методиј, кои без посредството на независната јурисдикција на Охридската духовна и книжевна школа ќе останале повиени во превезот на заборавот.
Ете и затоа не може да се оспорува фактот дека споменот и славата за Св. Кирил и Методиј изворно проникнале во македонската духовна, народна и културноисториска традиција и идентитет.
Притоа и да потсетиме: време е безрезервно да се ослободат од теророт на политиката автономните и суверени улоги на историографијата и на македонистиката. Впрочем, иронично е да се смета дека се потребни платени и политички инструирани „експертски комисии“, преку кои некомпетентно ќе се „трампаат“ универзалните кирилометодиевски цивилизациски достигнувања воспоставувани во која и да е од словенските национални традиции и современости.
Проф. д-р Илија Велев