Политичката контрола и надзорот над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието се едни од уставно утврдените надлежности на Собранието на Република Македонија. Но политичката практика во Македонија го покажува токму спротивното. Зачудувачки е што за ваквиот системски извртен однос за доминација на извршната над законодавната власт значајно придонесува и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој деновиве на брифинг со новинарите изјави дека „не го интересира што пишува во договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 д со американско-турскиот конзорциум ’Бехтел и Енка‘“ (?!)
Нов пример за оспорување на уставно утврдените надлежности на македонскиот парламент
Изместеноста на заемните односи меѓу законодавната (Собранието), извршната (Владата) и судската власт, според правните експерти, е претворена во хроничен недостаток на македонската држава во овие триесет години независност. Иако Собранието освен законодавна има и контролна улога врз извршната власт, т.е. врз Владата, речиси низ целиот период на независноста на Македонија во практиката забележливо доминира обратниот принцип на супремација на Владата над Собранието.
Децениска манифестација на немоќта и неефикасноста на контролната функција
на Собранието
Во актуелниот случај на расправа за тајноста на договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, односно одбивањето на Владата да го стави на целосен увид конкретниот веќе потпишан договор пред пратениците (кои, пак, треба да гласаат за законски измени, без увид во договорот, а во интерес на негово побрзо спроведување?!), повторно јавно се манифестираат немоќта и неефикасноста на контролната функција на Собранието над егзекутивата. Според правните експерти, тоа е чин на „нелегална, надвор од Уставот и законите – супремација на извршната над законодавната власт“.
Начинот на кој Владата, односно министрите задолжени за спроведување на овој проект настојуваат да ја игнорираат уставната и законска контролна надлежност на пратениците предизвика реакција и од Делегацијата на ЕУ во Македонија. Во тој контекст дополнително, Делегацијата на ЕУ реагираше и во врска со неаргументираната употреба на европското знаменце за забрзување на собраниската процедура.
За ваквиот системски извртен однос за доминација на извршната над законодавната власт значајно придонесува и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој како прв меѓу еднаквите (пратеници во Собранието) треба недвосмислено да ги спроведува законските обврски активирајќи ги контролните механизми на Собранието, односно законската обврска на пратениците за контрола над извршната власт. Имено, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите изјави дека „не го интересира што пишува во договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 д со американско-турскиот конзорциум ’Бехтел и Енка‘“. Токму таквата изјава предизвика длабоко изненадување и зачудување кај правната фела, која легитимно реагираше, јавно поставувајќи го прашањето „како може еден пратеник, кој уставно има обврска да врши надзор над извршната власт, да не го интересира што пишува во договорот, за кој има низа индиции дека е коруптивен и кој тежи околу две милијарди евра“?!
Киднапирање на надлежностите на Собранието со одземање на контролната функција
Правни експерти и професори со кои се консултиравме потсетуваат на уставноправната и политичка моќ на Собранието со која тоа треба апсолутно да ја наметне својата контрола над Владата, а особено кога постојат индикатори дека граѓаните детектираат елементи на неодговорност или избегнување политичка одговорност.
На пример, токму во овој случај, целата расправа околу тоа на кој начин смее да биде презентиран договорот за изградба на автопатиштата, како и дали и кој од пратениците (со или безбедносен сертификат) има право на достапност на документот, според професорите со кои се консултиравме, „наведува на незаконска селективност и редуцирање на уставните надлежности на Собранието и на пратениците како народни претставници!“
– Ако тргнеме од почеток, треба да се знае дека тој договор за изградба на автопатиштата со странски конзорциум, кој не е од Европската Унија, е потпишан благодарение на закон што го изгласаа пратениците во Собранието, да може да се склучи без јавна набавка. Тоа значи дека пратениците што донеле таков закон имаат право да знаат како понатаму се одвива неговото спроведување. Избегнувањето да се стави на увид договорот во Собранието и барањето начин за селективно и нецелосно информирање, практично значат исклучување на пратениците од втората фаза на спроведување на законот што го изгласале и овозможиле да се склучи тој договор. Одземена им е контролната улога над извршната власт. Не гледам зошто да не биде договорот презентиран пред сите пратеници, со сите одредби каде што не се работи за заштита на авторско и индустриско право. Со избегнувањето да се презентира договорот пред сите пратеници, парламентот се става во подредена состојба, на институција што е исфрлена од игра откако била потрошена нејзината употребна вредност. Да не беше Собранието, немаше воопшто да се случи тој договор за изградба на автопатиштата, надвор од законските регулативи за јавни набавки – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Уште една потврда на супремација на Владата над Собранието
Професорот Давитковски смета дека и со овој случај се потврдува супремацијата на извршната над законодавната власт, типична за (не)демократската практика во Македонија.
– За жал, за овие триесет години независност не успеавме да создадеме парламент што ќе биде вистински народен дом, каде што пред сѐ ќе биде интересот на граѓаните, а не на партиите и разни партиско-политичко-економски интереси. Еве, и во оваа ситуација за изградба на патишта, што треба да е од национален интерес, повторно се покажува супремацијата на извршната власт врз законодавната. Треба да се знае дека парламентот има политичка моќ за да може да ја контролира извршната власт, а не од Владата да му се наметнува на Собранието што и во колкава мера ќе му биде ставено на увид. Сведоци сме на состојби на владеењето во Македонија, кога практично никој не ја контролира извршната власт, ниту законодавната, а ниту судската власт. На тој начин добиваме политички неодговорна влада, а тоа не е добро за демократијата – предупредува професорот Борче Давитовски.