Притисокот на Брисел врз Софија може да генерира силен бугарски евроскептицизам и русофилија

Постојат сериозни индикатори на кои посочуваат бугарските аналитичари и политиколози, кои сметаат дека доколку Европа ја принуди Бугарија да го подигне ветото за Македонија без консензуална одлука на поголемите политички фактори, тоа во Бугарија ќе создаде опасност од зголемување на евроскептицизмот во земјата, а уште повеќе би се зголемиле и русофилијата и симпатиите кон рускиот претседател Путин, кои и сега во Бугарија отворено се искажуваат и именуваат како „путинизам“. Ако Европа ја притисне Бугарија да го крене ветото, тоа ќе предизвика силна реакција на бугарското општество, кое во овој момент, со оглед на резултатите од сите анкети, не е расположено да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ

Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека секој предлог од европските партнери што е поврзан со кревање на ветото за Македонија ќе треба да го одобрат пратениците во бугарското собрание, што на некој начин значи дека Петков сака одлуката да биде донесена со консензус меѓу поголемите политички чинители во Бугарија, за да не се предизвика дополнителна поделба во бугарското општество, но и да нема сериозни потреси на политичката сцена.

Постојат сериозни индикатори на кои посочуваат бугарските аналитичари и политиколози, а кои сметаат дека доколку Европа ја принуди Бугарија да го подигне ветото за Македонија без консензуална одлука на поголемите политички фактори, ќе се создаде опасност од зголемување на евроскептицизмот во земјата, а уште повеќе би се зголемиле и русофилијата и симпатиите кон рускиот претседател Путин, кои и сега во Бугарија отворено се искажуваат.

Брисел е свесен дека ако продолжи со засилен притисок над Софија, тоа ќе резултира со силен антизападен бран во Бугарија

Повеќе од јасно е дека ако Европа ја притисне Бугарија да го крене ветото, тоа ќе предизвика силна реакција на бугарското општество, кое во овој момент, со оглед на резултатите од сите анкети, не е расположено да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, без да бидат прифатени сите нивни услови.

Токму на тоа предупредуваат и бугарски аналитичари, кои сметаат дека Европа само ќе инспирира и мотивира реакција кај бугарскиот народ ако преземе акција што ќе биде доживеана како притисок врз нивната земја.
– Ако Бугарија го укине ветото, тоа неизбежно ќе ги зајакне антиевропските чувства. Бугарите веднаш ќе сфатат дека Владата го прави тоа под диктат на нашите западни партнери. Од ова, несомнено, ќе има корист партијата Преродба – смета Димитар Ганев од бугарската „Социолошка агенција – тренд“.

Фото: Игор Бансколиев

Инаку, партијата Преродба е екстремистичка политичка сила предводена од Костадин Костадинов, кој ја доби довербата на бугарските гласачи благодарејќи на антиваксерските и проруските чувства. Партијата на Костадинов во актуелниот парламент има 13 пратеници од вкупно 240.

И бугарскиот политиколог Парван Симеонов од агенцијата „Галуп интернешенал Балкан“ се согласува со прогнозите на Димитар Ганев, дополнувајќи дека речиси 70 отсто од Бугарите се против укинувањето на ветото на Скопје, а ако се случи тоа, Западот ќе добие силно антиевропско расположение во Бугарија, кое го именува како „брутален путинизам“!

Бугарските политички аналитичари не ја исклучуваат можноста Преродба да биде втора политичка сила по партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и да стане неизбежен фактор во бугарската политика доколку има нови избори. Тоа ќе се случи доколку од власт падне актуелната влада на чело со проевропскиот премиер Кирил Петков.

Дури и ако партијата Преродба биде изолирана и во следниот парламент, оваа сила би можела да продолжи да расте на бранот на антисистемската наративност и да има полза со руската пропаганда на социјалните мрежи. Преродба, исто така, повикува на повлекување на Бугарија од НАТО!

Засега нема мнозинска закана во Бугарија што го загрозува нејзиното членство во ЕУ или во НАТО

Неодамнешното истражување на ГЛОБСЕК покажа дека многу повеќе Бугари од другите источноевропски земји на ЕУ ќе поддржат напуштање на НАТО. Податоците покажуваат дека сега 38 отсто се против членството во НАТО, додека 40 отсто од Бугарите го поддржуваат.
Сепак, и Ганев и Симеонов се согласуваат дека партијата Преродба засега не претставува директна закана за членството на Бугарија во ЕУ.

Анкетите покажуваат дека над 60 отсто од Бугарите изразуваат позитивен или донекаде позитивен став кон членството во ЕУ. Според Ганев, во моментов нема закана за членството на Бугарија во ЕУ.
– Следната влада на Бугарија ќе се формира врз основа на геополитичката ориентација на земјата – Исток наспроти Запад – коментира Ганев.

Сегашната бугарска влада беше избрана со ветување за борба против корупцијата и судските реформи, но актуелната жешка тема се промени во Русија.
– За Бугарите, ЕУ е рационален избор, додека позитивниот став кон Русија е емотивен поради историјата, културните сличности и фактот дека Русија не е сосед на Бугарија. Бугарите тоа не го доживуваат како непосредна закана – коментира Симеонов.

И двајцата аналитичари признаа дека руската пропаганда во земјата е засилена во последните месеци.
– Пропагандата на социјалните мрежи е инструмент на руската надворешна политика и нема тенденција да слабее во последните години, туку да се интензивира – рече Ганев.

Интересна линија на размислување држи бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, кој смета дека „бугарското вето за Македонија е акција на руските специјални служби, кои продолжуваат да работат во Бугарија“!
– Самата акција со ветото е акција на руските специјални служби и ова е класичен пример за хибридна акција спрема НАТО и спрема ЕУ, така што очигледно сите можни клучни руски играчи во Бугарија се вклучени во оваа работа, прво да ја немаме оваа влада на Петков и втора работа, да се запре европскиот развој на Бугарија и на целиот Западен Балкан – вели Владимиров.

Европа избирајќи помеѓу двете зла, се одлучува да го одбере помалото

Како и да е, Европа е свесна дека засилениот притисок може да резултира со силен антизападен бран среде руската пропаганда и војната во Украина, а укинувањето на ветото за Македонија може да доведе до „брутален путинизам“ и дополнително зголемен евроскептицизам во Бугарија.

Токму од тие причини, Брисел е крајно внимателен во настапот, особено кога знае дека на своја страна го има прозападниот Петков, па затоа одбира да најде суптилни начини како да најде решение за ветото, а истовремено тоа во бугарската јавност да биде претставено како успех на бугарската влада, која веќе е сериозно разнишана со напуштањето на партијата Има таков народ на Слави Трифонов и се бори да го обезбеди потребното мнозинство за да не се доведе земјата во нова политичка криза и нов изборен циклус.

Ситуацијата од страна будно ја следат и САД, кои ги оставаат европските лидери да најдат соодветно решение и да ги одблокираат македонските евроинтеграции, без да го нарушат прозападниот баланс во регионот.

Во момент кога не се гледа крајот на војната во Украина, на Европа ѝ е повеќе од јасно дека со избрзани чекори и притисоци би можела да ја загуби поддршката во Бугарија, истовремено креирајќи амбиент за уште подлабоки поделби во бугарското општество, што за Брисел не е посакувано сценарио во овој момент.

Затоа се и калкулациите околу Македонија, поточно Европа избирајќи помеѓу двете зла, се одлучува да го одбере помалото.