Бугарија сѐ подлабоко тоне во спиралата на своите политички небулози

Со најновиот развој на настаните во бугарскиот парламент, дополнително се компликуваат можностите за и така малите шанси за повлекување на тригодишното бугарско вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. За време на вчерашните зовриени политички страсти во бугарскиот парламент, тамошни извори сѐ уште упорно сигнализираа на опцијата дека премиерот Петков е подготвен самиот, без поддршка на парламентот и претставниците на владината коалиција, да го симне ветото за Македонија, и тоа на наредниот министерски совет на ЕУ, закажан за 23 јуни во Париз. Меѓутоа, сѐ уште е маглива и нејасна претставата за состојбите таму, не само во бугарската јавност туку и во бугарските национални установи, но и во највисоките институции на Унијата…

Доколку и постоела намера кај бугарскиот премиер Кирил Петков да преземе иницијатива во бугарскиот парламент за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции, таа е „осуетена и интервентно политички ампутирана“ вчера, со „падот“ на претседателот на тамошното собрание, Никола Минчев.

Советник на премиерот Петков испратил предлог за ревизија на бугарската позиција кон Македонија, но тој бил одбиен од бугарското МНР

По неколкучасовна жешка дебата во бугарското собрание, на која можеа да се слушнат скандирања „мафија“ и „оставка“, претседателот на парламентот, Никола Минчев, беше отстранет од неговата позиција со 125 гласа „за“ по предлог на опозицијата. Барањето за оставка на Минчев од претседателската позиција во Собранието на Бугарија беше поднесено еден ден пред гласањето, од пратениците на опозициските партии Има таков народ, ГЕРБ, СДС, ДПС и Преродба. Во образложението на поднесокот од страна на споменатите партии се вели дека „Минчев не дозволил одржување затворено заседание на парламентот со учество на министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска, за темата за ветото за Македонија во ЕУ“.

Сепак, Теодора Генчовска се обрати пред пратениците и рече дека советник на премиерот Петков испратил предлог со кој се ревидира бугарската позиција кон Македонија, но тој бил одбиен од МНР. Според Генчовска, во предлогот на советникот за надворешна политика на премиерот Кирил Петков била сугерирана содржина за ревизија на бугарската позиција спрема Македонија.

Во документот, според нашите извори „не бил вклучен актуелниот став на Бугарија за македонскиот јазик, а не биле вметнати ниту предуслови за гаранции од ЕУ дека ќе се почитува Договорот за добрососедство“. Генчовска навела дека МНР одбило да даде мислење за предлогот за промена на бугарската позиција, бидејќи се работело за „грешен“ документ. Бугарската министерка за надворешни работи во оставка, во своето обраќање во парламентот, кажа дека премиерот Кирил Петков ветил дека ќе го укине ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на француското претседателство, за време на неговата средба со еврокомесарот Оливер Вархеи.

Дополнително искомпликувани можностите за повлекување на тригодишното бугарско вето

Во текот на вчерашниот ден, пред да биде спроведено гласањето за (не)доверба во претседателот на Собранието на Бугарија, Минчев, во бугарските медиуми циркулираше информацијата дека бугарскиот премиер Кирил Петков имал намера до парламентот да го испрати францускиот предлог за укинување на ветото за Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Наводно, самиот Петков го споделил тоа пред своите најблиски соработници. Како што пренесе бугарската новинска агенција, Петков се пофалил дека „детално е запознаен со шемата како ќе се случи сето ова“.
– В четврток, на 16 јуни, францускиот предлог официјално ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре го испраќам до парламентот – наводно кажал Петков и се пофалил дека „лично Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене“.

Со најновиот развој на настаните во бугарскиот парламент, дополнително се компликуваат можностите за и така малите шанси за повлекување на тригодишното бугарско вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Но за време на случувањата во бугарскиот парламент, тамошните медиуми упорно предупредуваа на опцијата дека премиерот Петков е подготвен самиот, без поддршка на парламентот и претставниците на владината коалиција, да го симне ветото за Македонија, и тоа на наредниот министерски совет на ЕУ, закажан за 23 јуни во Париз.

Сепак, во бугарскиот парламент, на седницата на која се обратила Генчовска, премиерот Петков нагласил дека: „Секој предлог што се разликува од рамковниот став треба веднаш да се испрати до Народното собрание и да не се дава согласност додека се разговара по него. Доколку има негативна одлука, автоматски да се даде негативен одговор“.

Пендаровски: Во Македонија нема пристигнато никаков француски предлог
за надминување на спорот со Софија

Во македонската јавност постоеше голема резервираност и скептицизам околу можноста за повлекување на бугарското вето за почеток на преговорите и пред случувањата во Собранието на Бугарија и гласањето недоверба на собранискиот спикер Минчев. За време на форумот „Преспа“, што вчера се одржуваше во Охрид, а на кој меѓу гостите беше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, македонскиот претседател Стево Пендаровски изјави дека до вчера во Македонија немало пристигнато никаков француски предлог за надминување на спорот со Софија.

Наедно, Пендаровски додаде дека не сака да ги коментира случувањата на политичката сцена во Бугарија, бидејќи, како што кажа, тоа било внатрешна работа на Софија. Истовремено, претседателот Пендаровски нагласи дека францускиот предлог е интерна работа на ЕУ во рамките на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји-членки.
– Заклучоците се далеку од готови. Ние не можеме да влијаеме. Тоа е работа на земјите-членки. Сигурно е дека ќе има параграф за Македонија, како и за други земји. За тоа се прашуваат сите земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија – рече Пендаровски.


Софија во очекување на францускиот предлог

Француската амбасадорка во Бугарија, Флоранс Робин, вчера имала средба со пратеници од Групата за пријателство со Франција во бугарскиот парламент. На средбата, која не била официјално најавена, учествувале и претставници на опозицијата.

Како што пренесе Бугарското национално радио, во текот на вчерашниот ден се очекуваше францускиот предлог за отстранување на ветото наметнато од Бугарија на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и официјално да биде испратен до бугарската влада.

Францускиот предлог, кој ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, според објавените неофицијални информации, предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.