Фото: ЕПА

Редакциски опсервации:

Некои аспекти на правната регулација на медицинскиот канабис

  • Прашањето за регулирање на медицинскиот канабис одамна престана да биде техничко или здравствено. Денес тоа е прашање на државен капацитет, институционален интегритет и политичка одговорност

Компаративната анализа на мексиканскиот, уругвајскиот и македонскиот модел јасно покажува дека изборот на регулаторен пристап не е неутрален: тој или создава систем на контрола и доверба или отвора простор за корупција, клиентелизам и злоупотреби. Оние што го избрале „мексиканскиот концепт“ на регулација за медицинскиот канабис во Македонија, сигурно имале и добра причина за тоа.

1. Мексиканскиот модел – легален пазар со висока коруптивна изложеност

Имено, мексиканскиот модел се темели на приватно производство под државен надзор, со комплексен систем на лиценци, дозволи и регулаторни тела. Теоретски, овој модел нуди „либерализација со контрола“. Меѓутоа, тој практично создава концентрација на дискрециска моќ кај администрацијата, што во општества со слаби институции неминовно резултира со: селективно издавање дозволи, фаворизирање „подобни“ субјекти, регулаторна заробеност, симбиоза меѓу приватен капитал и политички центри на моќ.
Во Мексико овие слабости се ублажуваат делумно преку обемот на пазарот и федералната структура. Но самиот модел останува ризичен дури и таму, а особено е проблематичен кога механички се пресадува во помали и институционално поранливи држави.

2. Уругвајскиот модел – канабисот како јавно добро, а не пазарна стока

Спротивно на т.н. мексикански модел, уругвајскиот модел тргнува од фундаментално поинаква премиса. Имено, канабисот е прашање на јавно здравје и јавен интерес, а не на пазарна конкуренција. Затоа Уругвај: не дозволува слободен приватен пазар, не создава „трка по лиценци“, не ја претвора државата во арбитер меѓу бизнис-интереси.
Преку централизираната улога на ИРЦЦА, државата го контролира целиот синџир – од производство до дистрибуција – со минимален простор за корупција, бидејќи не постои економски стимул за политичко посредување. Овој модел е особено ефикасен во мали држави, каде што државната контрола е изводлива, а јавниот интерес лесно препознатлив.

3. Македонскиот модел – копија на мексиканската логика без мексикански капацитет

Македонија, наместо да го согледа сопствениот институционален контекст, свесно го прифати мексиканскиот модел, односно концептот на: приватно производство, повеќекратни лиценци, административна дискреција, комерцијализација на медицинскиот канабис.
Резултатот е систем во кој лиценцата станува повредна од самиот производ, државата не контролира, туку посредува, регулаторот е истовремено и чувар и „портир“, јавниот интерес е потиснат од приватно-профитната логика.
Во македонски услови – со хронично ниска доверба во институциите, докажани коруптивни шеми и политизирана администрација – ваквиот модел не може да произведе легален и чист пазар, туку само легализирана сива зона. Наместо да го сузбие криминалот, тој создава нова форма на институционализирана злоупотреба.

4. Зошто македонскиот модел на регулација на медицинскиот канабис е потентно коруптивен?

Проблемот не е во канабисот, туку во архитектурата на системот. Секој модел што создава ограничен број дозволи носи високи профити и зависи од политичка или административна волја. Во држава како Македонија, особено со институционална и параинституционална поставеност и системски длабоки недоследности како во периодот на управување на претходната влада, тоа станува извор на корупција по дефиниција, а не по исклучок. Тоа беше и суштинската разлика меѓу Македонија и Уругвај: Уругвај го елиминира коруптивниот мотив, Македонија го институционализира.

5. Потреба од стратегиско преструктурирање кон уругвајскиот модел

Ако во Македонија почне да се формира волја на воспоставување нов концепт по овој основ, се разбира поради длабоките негативни импликации што во јавноста се отворија преку аферата со канабисот, која почна да се расчистува, потоа, ако се сака воспоставување контрола во полн капацитет врз производството, заштита на јавното здравје, елиминација на злоупотребите, усогласување со европските стандарди на добро управување, тогаш логичниот избор е да се започне здраво да се анализира и евентуално што поскоро да се реструктурира концептот за медицинскиот канабис. И тоа кон уругвајскиот модел.
Имено, накратко, заради генерално информирање на јавноста, „уругвајскиот модел е со државно или строго концесиско производство, централизиран регулатор без дискрециска трговија, третирање на медицинскиот канабис како лек, а не како бизнис со политичка лиценца“.
Според становиштето на повеќе домашни и странски експерти, Македонија не згреши затоа што легализира медицински канабис, туку погреши затоа што го легализира погрешниот модел (или, всушност, НЕ погрешија поединци и интересни групи, одбирајќи го мексиканскиот модел, заради лукративни амбиции, кои треба да бидат предмет на надлежните институции). Преземајќи го мексиканскиот пристап без мексикански институционален капацитет, државата создаде пазар на дозволи, наместо „систем на здравствена заштита“. Единствениот излез од оваа правно-политичка заблуда е јасен пресврт кон модел што ја става државата таму каде што ѝ е местото – во центарот на одговорноста, а не на посредувањето. Примерот на Уругвај покажува дека тоа е можно. Р.Н.М.